„Денеска стоиме исправено полни со гордост за да ја обележиме 78 годишнина од државниот празник 11 Октомври- Ден на народното востание“, вака премиерот Зоран Заев го започна своето обраќање пред присутните во Куманово на одбележувањето на големиот празник за државата.
„На 11-ти октомври овде во Куманово и во Прилеп беше означен почетокот на завршните процеси за впишување на македонска држава на мапата на народите на светот. Тоа утро во Прилеп и Куманово пламна искрата на борбата на отпорот, на стремежот нашата земја да биде дом на слободата, победник над окупацијата“, кажа Заев.
Заев во обраќањето потсети дека тука може да се живее убаво, а сега го имаме демократскиот свет на наша страна! „Денес се бориме против загадувањето, корупцијта и сиромаштијата“, рече тој.
„Сите заедно успеавме! На прагот сме пред официјално членство во НАТО и пред почеток на преговорите за членство во ЕУ. Седнуваме рамо до рамо со нашите сојузници. Драги соѓраѓни вие кои сте современици на овие историски моменти за државата вие сте заслужни за тоа – вие сте носители на успехот!
Пред 78 години борците и борките ја отпочнаа борбата за слобода и ја добија слободата. Нашата генерација, на свој начин ја повтори таа борба, и еве ја повторно слободата – ја живееме, ја уживаме. Слободата нека ни биде инспирација! Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание“, порача Заев на одбележувањето на денешниот празник.