Забраната за капење во Дојран неоснована – Што навистина е најдено во водите?

biblioteka-plazha-dojran-650x310

Според последната информација пласирана од Институтот за Јавно Здравје дека водата на Дојранското езеро е небезбедна за капење и издадената забрана за пливање во езерото од нивна страна, останува неодговорено прашањето зошто има потреба од такви драстични мерки кога во испитаните примероци не е утврдено присуството на очекуваната бактерија Ешерихија Коли од фекално потекло, ниту Ентерококус од фекално потекло?

Досегашните лабораториски анализи утврдија присуство на слатководни алги кои веројатно го супримираат растот на патогени бактерии, велат од Институтот, а пренесува дневниот весник „Дневник“.

Oд Институтот за Јавно Здравје велат дека е зголемен бројот на колиформни бактерии, кои сами по себе не се патогени бактерии, но се индикатори за МОЖНО присуство на патогени бактерии. Се на се, целиот случај од она што досега имаме можност да го проследиме како да се заснова само на претпоставки.  Дали овие претпоставки каде доминираат зборовите ВЕРОЈАТНО и МОЖНО се доволни за да се даде забрана за капење и да се проба да се разниша угледот на Општина Дојран и да се уништи  претстојната туристичка сезона?

Исто така изјавата од Институтот за Јавно Здравје е толку контрадикторна што велат дека пливањето во вода со зголемен број на колиформни бактерии го зголемуваат ризикот за појава на стомачни тегоби, а од друга страна истиот Институт ни дава информација дека на територијата на Општина Дојран во последните три месеци е забележан само еден и единствен случај на лице со стомачни тегоби.

Следствено на ова, доколку водата од езерото навистина е несоодветна за капење, тогаш секојдневно би имало стотици случаи на луѓе со стомачни тегоби и би имало регистрирано многу повеќе вакви случаи, затоа што летната сезона во Дојран започнува уште во месец мај и луѓето во голем број се капат во водите на езерото.

Исто така, тука се поставува уште една дилема:  Од една страна се вели дека водата е небезбедна за капење, а од друга, Институтот за Јавно Здравје препорачува само превентивна мерка за сите оние кои не сакаат да ја почитуваат забраната – „да се истушираат со чиста и безбедна вода после капење во езерото”.

Ова очигледно ги побива сите информации кои ги пласираат самите тие.  Дали туширањето после капење во езерото со чиста вода е доволно за да се отстранат сите оние можни и „страшни“ бактерии кои придонесоа Институтот да донесе забрана за капење во водите на Дојранското Езеро? – Тие велат дека е така…

Сите овие контрадикторности изнесени од страна на Институтот за јавно здравје ја ставаат под голем знак прашалник веродостојноста на информациите пласирани од оваа институција.

Инаку Дојран последните неколку години доживува ренесанса, се смени урбанистичкиот изглед, се подобри патната инфраструктура, плажите добија вистински медитерански изглед, условите за сместување се на завидно ниво, а бројката од 200.000 остварени ноќевања минатата година покажува дека Општина Дојран моментално е најатрактивно место во Република Македонија.

Исто така, годинава Дојран е одбран да биде „Град на културата“ и во рамки на ова се планирани голем број културни манифестации и настани, па оттука се поставува прашањето, кому и со каква цел му одговара да се разниша угледот на Општина Дојран и да се уништи  претстојната туристичка сезона?




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.