Управата на англискиот фудбалски великан Ливерпул ќе направи голем гест и на семејството на трагично починатиот Диого Жота ќе му биде исплатен целиот преостанат износ од неговиот двегодишен договор. Веста ја пренесе португалскиот весник „Рекорд“, потенцирајќи ја големината на гестот на клубот од „Енфилд“.
Со оваа постапка, Ливерпул испраќа силна порака на поддршка и сочувство кон семејството на Жота, кој зад себе остави сопруга и три деца. Трагичната несреќа во која животот го загубија Диого и неговиот брат Андре Силва предизвика длабока тага и неверување низ целиот свет, а многумина трагедијата ја споредуваат со смртта на кошаркарската икона Коби Брајант и неговата ќерка Џиана.
Во саботата, делегација на Ливерпул составена од дел од фудбалерите допатува во португалскиот Гондомар за да му оддаде последна почит на својот соиграч и неговиот брат. Клубот исто така веќе потврди и дека дресот со број 20 ќе биде повлечен од употреба, а во план е и формирање на фондација или меморијален проект кој ќе го носи неговото име.