Жител на Новаци поради знамето со сонцето од Кутлеш ја изгубил работата

Дали партиската тупаница на власта во битолско Новаци во предизборие, започна да ја покажува својата сила? Така барем може да се рече според она што го снајде Јован Пецуровски со неговото семејство во кое има две непркнати дечиња. Тој е дојденец од Радовиш и досега работеше во фирмата подизведувач “Ремонт“ во РЕК “Битола“. Меѓутоа, откако деновиве на кровот од својата куќа го поставил знамето со сонцето од Кутлеш, како што вели, добил закани од новачкиот градоначалник Љубе Кузмановски, а потоа ја изгубил работата, пренесува Алфа.

-Се мачев и менував фирми, а сега последно откако го кладов знемето на куќата, јас останав без парче леб. Градоначалникот истата вечер ми прати човек и човекот ми рече знамето да го тргнам сместа оти така рече градоначалникот. Сабајлето станав и со жената си пиевме кафе, а истиот човек дојде и ми рече дека градоначалникот ме вика на разговор. Појдов на разговор, се поздравивме и го прашав што е работата. Тој ми рече, Јован зошто го ставаш знамето и ме cpaмиш, плус на фејсбук имаш напишано статус. Му реков дека немаше да го напишам, ама поради тоа знаме останав без работа- рече Јован Пецуровски.

Сопругата на Јован, Катерина зема средства за породилно отсуство, меѓутоа со таков скромен буџет и четири гладни усти, куќа не се крепи.

-Додека земам породилно, ќе тераме некако. Ама за понатаму? Тешко е, сметки немаме платено, кредитот не ни е платен, со две деца теко е- рече сопругата Катерина.

Градоначалникот на Новаци, вели дека претходно му помогнал на Јован да се вработи во оваа фирма и категорично одрекува дека интервенирал да ја изгуби работата. Од ДООЕЛ “Ремонт“ велат дека заради намален број на сати го намалиле бројот на вработени на отпепелувањето и дека по десет до петнаесет дена, повторно ќе бидат повикани, а меѓу нив и Јован.

Извор: Aлфа ТВ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.