Живее во Шведска , но хуманото срце живее и работи да помага за Македонија (ФОТО)

Иако животот ја однел далеку од родниот крај, срцето секогаш ја враќа таму каде што започнала нејзината приказна. Од Шведска, но со длабоко вкоренета љубов кон Македонија. Една идеја прерасна во мисија што повеќе од една деценија менува човечки животи.

Хуманоста не познава граници – таа се мери со делата, со подадената рака тогаш кога е најпотребна и со вербата дека секое дете заслужува шанса за подобра иднина. Водени од таа мисла, Марија Розенгрен, битолчанка по потекло, и нејзиниот сопруг Томас Розенгрен од Шведска, ја основаа хуманитарната организација „Hand Till Hand“, која од 2013 година наваму е силен и посветен партнер на образованието и здравството во Македонија.

Од првиот училишен оброк, до современа медицинска опрема и целосно реновирани простории во болници и образовни институции, „Hand Till Hand“ остави трага што се чувствува – во училниците, во болничките ходници и, најважно, во животите на луѓето.

Хуманитарната организација „Hand Till Hand“ ја започна својата работа во Македонија есента 2013 година, а досега имаат реализирано бројни хумани мисии:

Активностите добија конкретна форма на 27 јануари 2014 година, кога започна обезбедување на училишни оброци за учениците во Основното училиште „Горѓи Сугарев“ во Битола. Проектот „Да му се даде шанса на едно дете“ ја комбинираше грижата за исхраната со едукативна работа за хигиена, правилна исхрана и подобри услови за учење, со цел подобрување на училишниот успех на децата.

Во првата година беа обезбедени 72.367 училишни оброци, а во наредните четири години околу 100.000 училишни оброци годишно.

Паралелно со ова “Hand Till Hand ” реализираше бројни образовни активности, обезбедувајќи поддршка за ученици кои имаа потешкотии во следењето на наставата преку дополнителни часови и засилена педагошка помош. Организацијата инвестираше и во подобрување на училишната инфраструктура и опрема преку донации на компјутери, паметни табли, телевизори, книги и друг наставен материјал, како и зимска облека за деца од социјално загрозени семејства.

Во 2014 година беа адаптирани простории за деца со посебни образовни потреби во ОУ „Горѓи Сугарев“ во Битола, вклучувајќи пристапни тоалети, подобрено греење и ново осветлување во спортската сала. Во истиот период, училиштето доби и значајна донација на училишен материјал од училишта од општините Лунд и Лома, Шведска. Во 2015 година започна училишна размена меѓу училишта од Битола и училишта од овие шведски општини, која опфати размена на наставници и заеднички ученички проекти.

Од 2016 година, активностите на Hand Till Hand се проширија и во здравствениот сектор. Првата поголема донација беше реализирана во Клиничката болница во Битола, по што следуваа донации за болницата во Штип. Во наредните години беа спроведени континуирани донации на медицинска опрема, болнички кревети, помагала, постелнина и работна облека за болници и здравствени домови во Битола, Штип, Делчево, Кочани, Каменица, Ресен, Прилеп, Струга и Охрид, како и за домови за стари лица.

Покрај тоа “Hand Till Hand” реализираше обемни реновирања во ученичкиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, каде што беа целосно обновени кујната и пералницата според ЕУ стандарди, беше инсталирана ладилна комора и беа уредени спалните простории со нови кревети, врати и безбедносни елементи. Со поддршка на организацијата беа воспоставени и сензорни простории за ученици со посебни потреби.

Во 2019 година започна соработка со Кралскиот технолошки институт (KTH) од Стокхолм преку изработка на првични студии за Клиничката болница во Битола, која продолжи и во 2023 година преку дипломски трудови на студенти од KTH.

Во 2025 година беа реализирани нови значајни проекти во здравствениот сектор. На гинеколошкото одделение во Битолската болница беа целосно реновирани санитарните простории, инсталирана топлинска пумпа и обезбедена нова ултразвучна апаратура. Истата година беше донирана медицинска опрема за детската ортопедија во Прилеп, како и стоматолошка опрема за четири училишта.

Hand Till Hand планира да продолжи со својата хуманитарна мисија и во иднина. Во текот на наредниот период се планира реализација на нов образовен проект за ученици со изразени потешкотии во концентрацијата, преку уредување на специјално прилагодени училници кои ќе обезбедат мирна, безбедна и поддржувачка средина за учење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.