Жестока шлаканица од Брисел за Заев, Димитров и Шекеринска: ЕУ воведува ограничување за челикот, загубите 100 милиони евра

Од идната година за македонските компании кои произведуваат челик и алуминиум ќе важат новите мерки за ограничен извоз во ЕУ, поради што можните загуби се проценуваат на околу 100 милиони евра годишно. Ова претставува жестока шлаканица од Брисел за Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска.

Како што истакна на денешната средба со новинарите вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, формалната нота од Брисел за воведувањето конечни заштитни мерки, како контрамерки на САД, со кои се ограничува извозот на челик и алуминум во ЕУ, ја добиле во петокот, а веќе имале средба и со компании од оваа индустрија.

– Согласно новата формулација, земен е просекот на извоз на овие компании од 2015, 2016 и 2017 година зголемен за пет отсто раст. Сè што е над тој износ ќе биде царинето со 25 отсто. Тоа ќе значи големи проблеми за нашата индустрија на челик и алуминиум, која сериозно придонесува во БДП на државата. Проценките се дека штетата би можела да биде до 100 милиони евра на годишно ниво на извозот – рече Османи.

Привремените мерки ЕУ ги воведе во јули, а наведените конечни мерки треба да траат три години. Од Владата, вели Османи, не се откажуваат од обидите да ја убедат ЕК дека Македонија треба да биде исклучена од овие мерки.

Извор: “Курир”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.