Жестока расправа во Битола: „Неспособната градоначалничка во паника, продолжува незаконски да работи“

На седницата на Советот на општина Битола, жестока расправа за ученичкиот слободен превоз, за кривичната пријава за градоначалничката Наташа Петровска за необезбедувањето превоз за неколку стотини ученици од неколку битолски средни и основни училишта.

Владеачкото мнозинство го одби барањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да им се рефундираат средствата на родителите, кои скоро цело второ полугодие од сопствениот џеб го плаќаа превозот, иако тој законски е бесплатен. Превозот на учениците се организира под исти услови, а Советот ја потврди законитоста на донесените одлуки од претходната власт.

Иванчо Тошевски, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рече дека како резултат на неспособноста на Наташа Петровска да се справи со обврските кои произлегуваат од функцијата градоначалник, не само што учениците во второто полугодие останаа без законски превоз, туку и новата учебна година ќе ја започнат неподготвени, а учениците ќе останат без превоз.

Тошевски побара да се задолжат градоначалничката и директорите во рок од 20 дена да подготват прецизен извештај за бројот на учениците, а после констатирањето на фактичката состојба, средствата да им бидат рефундирани на родителите.

И по апелот на Тошевски, дека тоа го бара во името на родителите и учениците, упатен до мнозинството, тие се оглушија на тоа и ја потврдија констатацијата дека тие се во Советот само “да ја затскриваат неспособноста на Наташа Петровска”.

Не помала расправа предизвикаа одлуките кои се однесуваа на превозот, а советникот Борче Димитровски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече:

-„Власта од ден на ден напредува, негативно и ја изненадува јавноста. Продолжувате со истите замајувања уште од првиот ден. Имаме точки на дневен ред кои ја опфаќаат омилена тема на бивши советници и бивши пратеници, а сега актуелни градоначалници и директори на големи јавни претпријатија, а тоа е превозот на ученици во општина Битола. Исто така, сакам да потсетам дека 15 месеци сте на власт на централно ниво и 10 месеци на локално ниво, ако имаше трошка вистина во голем број од работите кои ги потенциравте во минатото, ќе најдевте некој покреативен начин за условно разрешување на проблемот со превозот. Одлуките кои што ни беа образложени и на комисијата и сега пред моето излагање, не променуваат ништо во претходните одлуки. Овде се работи за правен дилентантизам, само за самите да се убедите и да ги убедите вашите кадри дека сега правите нешто правилно и законско, а претходно се правело нешто неправилно и незаконско. Исто така бидејќи цело време зборувавте за цифри, ќе биде добро да кажете дека одлуката ќе остане иста во рамките на висината на цените на услугите. Она што всушност сакате да го скриете е кој всушност го крши Законот, а тоа е актуелната градоначалничка која изминатите 10 месеци грубо ги крши законите за основно и средно образование во делот на бесплатниот превоз, а на штета и на грбот на учениците и родителите“.

Советничката Елена Трајчевска, од ВМРО-ДПМНЕ, аргументираше:

-Од колегите од власта слушнавме еден куп непроверени и непотврдени тези и факти но потврдија едно дека имаше ученици кои останаа без законски загарантираното право на превоз со што е очигледно дека Наташа Петровска работеше и носеше одлуки спротивни на закон. Искрено очекувавме да собере храброст и да се појави Наташа Петровска и да признае дека лажеше. Ги лажеше граѓаните дека ваквите одлуки кои ги носеше претходната власт и совет биле незаконски. Но, не само што носиме потполно иста одлука како и претходните одлуки и совети туку и постапката за обезбедување на бесплатен училишен превоз Општината и директорите ја реализираат потполно исто на истиот принцип како и во годините наназад. Со тоа само се демантираа сами и потврдија дека одлуките во минатото биле законски“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.