Ердоган: Од никого нема да бараме дозвола за да купиме ракетен систем од Русија

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека неговата земја нема намера од некого да бара дозвола за купување на ракетниот систем „С-400“ од Русија.

„Со Русија постигнавме договор за одбранбениот систем С-400, а некои се загрижени за тоа. Жал ми е, но ние нема од никого да бараме дозвола“, изјави Ердоган за турскиот весник „Милијет“.

Турскиот претседател на 31. август изрази надеж дека ракетните системи ќе бидат испорачани што е можно поскоро, потсетува „Тасс“.

Веста за руско-турските преговори за испорака на системот „С-400“ за првпат се појави во ноември 2016 година, а подоцна Ердоган објави дека Анкара потпишала договор со Москва за купување на ваков систем, кој однапред го платила.

Директорот на руската државна корпорација „Ростек“, Сергеј Чемезов, рече дека испораката ќе започне во март 2020 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.