Емотивно интервју на Новак Ѓоковиќ за Си-ен-ен: „Децата плачеа, не престанував да треперам до утрото“

Новак Ѓоковиќ имал 11 години и спиел во кревет кога го разбудила експлозија, проследена со сирена и парчиња искршени стакла.

Тоа било 24-ти март 1999-та година кога почнало бомбардирањето на Белград од страна на НАТО и траело 78 денови, пишува американскиот Си-ен-ен, истакнувајќи дека Новак, додека неговиот татко Срѓан ѝ помагал на неговата мајка Дијана која ја изгубила свеста бидејќи со главата се удрила од радијаторот, ги барал своите браќа кои тогаш имале осум и четири години.

„На 11 години јас бев голем брат. Бев задолжен за нивната безбедност од почетокот на бомбардирањето. Се сметав за одговорен за нивната безбедност кога силите на НАТО почнаа со бомбардирањето“ – напишал Ѓоковиќ во автобиографијата.

Две децении подоцна, 32-годишниот Ѓоковиќ е фаворит за новото освојување на УС опен кое почнува на 26-ти август во Њујорк.

Како што наведуваат од Си-ен-ен, Ѓоковиќ освоил четири од последните пет гренд слем турнири и сега има 16 трофеи, само два помалку од Надал и четири од Федерер.

„Момче како јас, да расте во Србија и да стане светски шампион? Тоа е малку веројатно. А уште кога ќе почнат да паѓаат бомби тогаш тоа е неверојатно“ – напишал Ѓоковиќ.

Во првото поглавје на книгата Ѓоковиќ се присетува на ноќта за која вели дека му го променила животот засекогаш.

Откако на Дијана Ѓоковиќ ѝ се вратила свеста, семејството тргнало кон зградата во близина во која живеела тетката на Новак, а која имала засолниште.

Додека неговите родители трчале по улицата со браќата, Ѓоковиќ паднал на улица.

„Тогаш се случи. И ден денес гласните звукови ме исполнуваат со страв“ – пишува Ѓоковиќ.

Две ракети поминале над неговата глава и ја погодиле болницата која се наоѓала во близина.

Новак во далечината ги забележал неговитите родители и браќата и веднаш тргнал да трча кон нив и така стигнале до бетонското засолниште, односно засолништето во кое имало 20 семејства.

„Децата плачеа. Не престанав да треперам тоа утро“.

„Тие времиња се нешто кое на никого не би му го посакал. Два и пол месеци секој ден, секоја ноќ, бомбите паѓаа низ градот. Бомбите и ракетите буквално паѓаа на половина километар од нас. Ги видовме авионите кои летаа над нашите глави и бомбите кои паѓаа половина километар од нас“ – изјавил Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ почнал со тренинзите во текот на бомбардирањето, тренирал на неколку локации во Белград.

На почетокот тој бил парализиран од стравот, но потоа нагло се променил

„Решивме да не се плашиме. После толку см*тни случаи, деструкции, едноставно престанавме да се криеме. Кога еднаш ќе откриеш дека си немоќен тогаш откриваш и дека си слободен на некој начин“ – напишал Ѓоковиќ. Два месеци по бомбардирањето, Ѓоковиќ заминал од Србија во Минхен и таму почнал да тренира со Никола Пилиќ. Четири години подоцна станал професионалец.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.