Емотивен статус на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ

За прв пат после половина век, власта целосно ја бојкотира една од најзначајните манифестации што се одржува во битолското село Трново, во чест на големиот национален и верски празник Илинден. Во присуство на нашинци од дијаспората, гости од Албанија и Грција, на Семакедонската средба на која се одбележуваа – 48- та исселеничка средба и 39- тата погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, организаторите од Матицата на иселениците, од здружението “Македон“ и од Светскиот македонски конгрес, но и сите гости, имаа можност на дело да видат како овој пат Илинден наместо да обединува, разединуваше.

На средбата во Трново присуствуваа и претставници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и пратеникот Трајче Димков.

Еве што напиша Димков на својот Фејсбук профил после средбата во Трново:

“Изминуваат 70 години откако стотица илјади Македонци,во виорот на Втората светска војна и Граѓанската војна во Егејска Македонија беа насилно протерани од своите домови. Ги напуштија нивните огништа во Егејска Македонија.
Ги оставија нивните имоти и загинатите роднини незакопани по боиштата и патиштата. Со себе овде во прегратката на Република Македонија ги донесоа најскапоцените нешта:нивните деца, нивниот јазик, нивните песни и ора, нивната македонска гордост. Прогонетите Македонци од Егејска Македонија станаа нераскинливо ткиво на Македонскиот народ.
Денес сме собрани овде да покажеме на домашната и меѓународната јавност дека постојат Македонци од Егејска Македонија и дека после 70 години прогонство што трае, уште посилно се бориме за остварување на нашите основни човекови права и слободи. Ние порачуваме дека никој не може да ги негира Македонците. Никој не може да направи да престанат да постојат или да се чуствуваат Македонци. Колку повеќе не притискаат,омаловажуваат и не не признаваат,толку повеќе не прават поголеми Македонци. Да живее Република Македонија! Да живее Македонскиот народ!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.