Експертите од областа на енергетиката тврдат дека, интервентниот увоз на електрична енергија, кој во моментов се прави, со сигурност ќе значи и поскапа струја за граѓаните.
Професорот Константин Димитров, за телевизија „Алсат“ изјави вели дека, поради немањето вода, државата го стопираше производството на електрична енергија од хидроцентралите, а притоа не може да обезбеди струја онолку колку што е потребно за да ги задоволи потребите.
-Државата го стопираше производството од хидроелектраните поради намалениот водостој на реките и езерата, но во исто време не може да обезбеди доволно електрична енергија од останатите капацитети, рече Димитров.
Тој тврди дека негативните ефекти од недостатокот од инвестиции во енергетиката допрва ќе излегуваат на површина.
-Со било каков увоз на струја, цената ќе расте. Без увоз, цената порасна за седум отсто. Електричната енергија која не е долгорочно нарачана на почетокот, јасно дека е поскапа. И се разликува во цената за најмалку 30 отсто, вели Димитров.
Од ЕСМ, велат дека во овој момент е рано да кажат дали ќе има простор за раст на цената за крајните потрошувачи. Цената на струјата за првото тромесечје од 2021 година, ќе се знае од 15 декември.
Од страна на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, често обвинуваат дека желбата за профит на власта доведе до пресушување на водите во македонските природни и вештачки езера, како и во акумулациите. Од таму велат дека ова еколошка катастрофа што му се случува на Македонија со езерските води е поради неспособноста на владата и нејзината желба за профит, при што го загрозува како живото на луѓето така и на целиот животински и растителен свет во езерата.
-Езерото Калиманци е пресушено во целост. Од 120 милиони метри кубни вода колку што е капацитет на истото, во моментот имаме само 19 милиони метри кубни вода. Тоа значи дека власта ја десеткувала акумулацијата. Калиманското Езеро е доведено на раб на пресушување и до раб на биолошки минимум, пред неколку дена изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, за езерото Калиманци.
Тој потенцира дека претераната потрошувачка на вода со цел производство на струја, во летниот период, придонесе, Македонија да се соочува со најголемата криза во последните децении.
Извор: “Република.мк”