Eве еден настан кога ги пренесувале Македонците од Македонија во Војводина во Гаково.
“Во возот”
Што поради должината на патот, што поради крајот на војната, што поради „здравите“ пруги, за да стигнеме до Гаково, нам ни требаа токму 10 дена. Не знам, веројатно ако денес ја поминеме истата патека ќе стигнеме за еден ден, арно ама тогаш…
Ние, бегалците, не патувавме во нормални, патнички вагони. Такви за нас немаше. За нас беа наменети товарните. Во секој од нив, по шест фамилии. Внатре не смееше ни да стане збор да има некакво затоплување, основни хигиенски услови, вода, начин за мајките да ни подготват храна.
Немаше ништо. Само деца и родители, сите исплашени. Патувањето долго, времето изминато – пеколно. Навистина, ова патување беше пеколно. Одвреме-навреме кога возот ќе запреше на некоја станица, истрчувавме надвор од вагоните и застанувавме на станичната чешма за да се замиеме и да наполниме вода за горе, во бакарните ѓумови или стомните земени од дома, оти вода за пиење немаше сѐ до наредното застанување а тоа, никој не знаеше кога ќе биде. Но, во товарните вагони не се страдаше само за вода. Се страдаше и за место, простор, за чувства… единствено само за тагата имаше место овде.
Зашто животот не нѐ праша дали треба да запре во моментот кога се качивме на возот и да продолжи кога ќе стигнеме кај што требаше. Тој продолжи и понатаму да си тече, па новороденчињата и умрените ги стави на исто место.
Се случуваше при тоа исцрпувачко патешествие една мајка да дои бебе во едниот агол на вагонот, на средина да стои запалено мало оганче за некој да се стопли, а на другиот крај да ги жалаат умрените.
И токму тој тежок пат на неколку од патниците им беше последен. Некои од нашите пријатели и роднини го напуштија светов лежејќи на штиците од вагонот, со звукот на железните тркала. Децата многу не забележуваа тогаш занесени во своите игри, но таа слика ми остави неизбришлива трага во моето сеќавање.
Сведоштвото е на штипјанката Марија Димкова