Ексклузивно: Новиот тренер на РК Прилеп, Чантурија, со анализа на ракометниот турнир “Миле Нешкоски 2022”

РК Прилеп успеа да го освои второто место на седмиот по ред меморијален турнир “Миле Нешкоски” под водство на новиот тренер Реваз Чантурија.

Во финалето прилепчани беа поразени од гоститие од Србија, екипата на Дубочица. Чантурија кој изминатите 3 години ги брани боите на Прилеп, а сега е во улога на тренер играч, ексклузивно за Маркукуле ги сподели впечатоците од турнирот.

“Задоволен сум 70% од прикажаното, но не чека уште многу работа. Пријателските натпревари и турнири ги користиме за да се уиграме и да добијат шанса сите играчи. Мислам дека турнирот го искористивме добро. Морам да ги пофалам организаторите, затоа што турнирот беше организиран на високо ниво и оваа година имаше поквалитетни екипи. Мислам дека секоја година турнирот “Миле Нешкоски” расте. Во групата победивме против грчки ПАОК и РК Струга, две доста искусни екипи според мене, а РК Прилеп за прв пат играше во финале со Дубочица од Лесковац. Се работи за една сериозна и искусна екипа со две постави. За жал нашата клупа е кратка, па уморот си го направи своето и за жал Дубочица беше екипата која го крена пехарот. Сепак, мора да кажам дека момците сите до еден дадоја максимум. Заедно со стручниот штаб и помошникот Лашкоски работиме напорно бидејќи не чека долга и интересна сезона. Мораме многу озбилно и одговорно да пристапиме, со многу работа и зацртаниот успех ќе дојде. Се работи за една млада екипа, каде освен јас, оваа година ќе помага и Ѓоргиески. Oстанатите дечки се на 22, 23, 24 години. Имаме и момци кои се и на 17, 18 години, дечки кои се од Прилеп и ме радува што досега одговорно го носат дресот на нивниот град, а и мора да биде така, затоа што Прилеп има долга и богата традиција во ракомет”.

РК Прилеп во новата сезона ќе се натпреварува во групата А од Супер лигата, а сезоната ќе ја започне на домашен терен против Алкалоид на 04.09.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.