Едриличарска авантура на Аеродромот во прилепско Мало Коњари – Еве што ќе се случува

Едриличарството е врвен авантуристички спорт, кој бара од пилотот да ја користи моќта на природата за да може едрилицата да остане во воздух подолго. За жал овој спорт не е доволно развиен во нашата земја. Постојат многу мал број на клубови во нашата земја кои активно функцинираат, како и мал број на пилоти, особено меѓу младите. Токму поради тоа, Параглајдерскиот клуб Sky Riders од Прилеп, во партнерство со клубовите Fly Dardania од Приштина, Аеро клубот Наша Крила од Параќин и Центарот за иновации и развој Инос преку реализација на проктот “Bird’s Perspective from Balkan Clean Sky” кој е финансиски поддржан од Western Balknas Fund  ќе се обидат да го промовираат овој спорт особено помеѓу младите со цел да се зголеми нивниот интерес за истиот. Во таа насока на 02, 03 и 04 Септември 2022 година ќе организираат Едриличарски камп на Спортскиот аеродром во Мало Коњари.

На кампот учество ќе земат околу 50 учесници од трите земји (Македонија, Косово и Србија). Тие ќе се едуцираат за основите на едриличарството, неговата историја и различни модели на едрилици, ќе се дружат со пилоти од регионот, ќе имаат можност да летатаат со едрилица и да уживаат во единственото искуство на небото кое го дава таа.

Едукативните часови ќе ги реализираат искусни пилоти од земјата, кои раскажувајќи ги своите едриличарски приказни и искуства ќе се обидат да го пробудат интересот кај младите луѓе за овој спорт. Покрај тоа, учесниците ќе дикутираат и за аерозагадувањето како голем проблем со кој се соочуваат земјите од Западен Балкан. Загадениот воздух не препознава граници, се движи по небото, труејќи не сите нас. Оттука, потребна е акција без граници и регионални заеднички напори за да се бараат решенија.

Кампот ќе биде збогатен и со акробациски перформанси со едрилица од страна на неколку пилоти, како и со летови на модели со радио контрола. Покрај тоа, со поддршка од Аеро клубот Прилеп во неделата на 04 септември на настанот ќе се приклучат и неколку воздухоплови од останатите аеро клубови од земјата. На оваа Аеро збиранка, пилотите ќе ги презентираат своите воздухоплови со демонстративни летови.

Покрај овој настан во рамките на проектот изработени се неколку видеа и информативни фотографии кои се однесуваат на едриличарството и аерозагадувањето. А во наредниот период проктниот тим ќе се обиде заедно со помош на туристичките агенции да го промовира едриличарството и како авантуристичка туристичка понуда.

Настанот ќе биде отворен и за посетители кои се заинтересирани за овој спорт, како и за сите оние кои сакаат да се запознаат со убавините на истиот. Организаторот ги поканува сите заинтересирани граѓани да се приклучат во креирањето на новата едриличарска приказна на аеродормот во Мало Коњари на 03 и 04 септември со почеток од 11:00 часот.

Врзете се … полетуваме!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.