Едно од најубавите духовни светилишта во близина на Прилеп: Изграден во 1872 год, лечел од туберколоза, астма, срцеви заболувања и бил партизанско засолниште

Манастирот Свети Никола – Прилепец

– Некогаш беше природна воздушна бања, а денес спокоен бисер во прегратките на планината

Оддалеку изгледа како далечен пејсаж, посебна природна атракција. Сместен во удобна мешавина од атракции и локален шарм. Манастирот Свети Никола доминира над селото Прилепец само на десетина километри од градот. Само историските споменици, чумци и други предмети се “неми” сведоци за градскиот живот на некогашен Прилепец.

Од 25 сега има 4-5 фамилии во селото. Липата, леската, јасенот, габерот, пролетта веќе ги облекува во лисјена руба. Сепак прават фантастичен венец кој зрачи со нијанси на различни бои над манастирскиот комплекс, разубавувајќи го пределот. Привлечност, милина, свежина, смиреност и убавина.

Светонеделската чешмичка со лековита вода потсетува како се “живеело и здраво”. Тоа е доволно манастирот да биде духовен центар, а порано и како детско одморалиште, зашто претставува најчисто место за планински туризам.

– Доктори го препорачуваа за лекување од туберколоза, астма, срцеви заболувања. Болните, кои видоа аир, купија и насадија родни дрвја над манастирот кој беше како бисер во недопрената природа – кажува еден постар жител на Прилепец.

Манастирот располагаше со добиток, економија, со овци, кози, говеда, а и земја, расадник и ливади за здрава храна и незаборавна релаксација и одмор.

Конакот е од тврда градба обновен со 16 чисти и уредени соби со кревети. Манастирските конаци се преуредени по децении незакована шајка, без некој нешто да чепни.

– Сé е обновено, дотерани се просториите. Поставена е нова електрична инсталација. Има вода. Сé е варосано. Обновена е и трпезаријата со кујната. Даруваат луѓе од странство – кажуваат неколкуте селани.

Се работи домаќински да им се фати окото на посетителите, да прекажуваат, да сликаат и да ги пренесуваат пријатните мигови и доживувања во духовниот комплекс во чиј центар е црквата Свети Никола. И патот е поддотеран за полесен пристап. Се стигнува со постар автомобил за кусо време и при вренежи. Најарно е пеш да се почувстува природата и божјиот дар.

Манастирот е изграден 1872 година. Го носи името на светецот Никола кој имал чудотворна исцелителна моќ, а им помогал на луѓето и парично и со поклони посебно пред Божик.

Во Бивша Југославија имало постојано монаси, а по ослободувањето, околината била место за предвоената обука на Народната одбрана.

После, манастирот станал срцето на еснафот на дограмаџиите и самарџиите кои вложувале за одржување и за надградување на манастирското “богатство”. Секој еснаф изградил посебна соба која била симбол на занаетот и се пренесувала како завештание на потомците и на новите мајстори.

Покрај летната слава Свети Никола, манастирот го слави на 2 јуни Свети Талалеј.

Постарите жители се сеќаваат дека манастирот во последната војна бил партизанско засолниште. Одредите денски напаѓале и биеле жестоки битки со окупаторските сили, а ноќе се повлекувале и се сокривале таинствено во конаците да се одморат без никој да не ги забележи.

Во близина е споменикот на деветмина загинати од 12 борци, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.

Легенда за Коњаник

На врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро за кое жителите на селото, раскажуваат дека имало многу вода. Селаните ја запирале, затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејското море, се вели во преданието, за кое сведочат селаните и го пренесуваат од колено на колено.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.