Премиерот Зоран Заев во интервју на телевизијата „1тв“ изјави дека е сигурен дека референдумот за договорот со Грција ќе успее, но доколку не се случи тоа ќе поднесе оставка.
– Ќе си заминам ако не успее референдумот во Македонија, но многу сум сигурен дека ќе успее. Очекувам огромна поддршка од граѓаните и сериозни проценти на поддршка, 77 до 85 отсто, согласно на тоа колкави се процентите на граѓаните кои се изјасниле дали се за ЕУ и НАТО – рече Заев.
Заев додаде дека во владејачката коалиција се уште не размислувале за формулацијата на референдумското прашање, но истакна дека ќе биде поврзано со одлуката за името и со ЕУ и НАТО.
Заев веќе еднаш излажа со оставката
Ветувањето за оставка не е нешто ново кога Зоран Заев е во прашање. Имено, лидерот на СДСМ пред изборите во 2016-та година излезе со ветување дека доколку загуби макар и со 1 глас разлика, ќе си поднесе оставка, но тоа не се случи.
СДСМ и Заев тогаш ја замајуваа јавноста со смешни тврдења дека партијата победила и освоила над 600.000 гласови, а не 436.981 како што преброја Државната изборна комисија. СДСМ во никој случај немаше освоено над 600.000 гласови.
Но, партијата гласовите на сите останати политички партии си ги прикажа како свои и тврдеше дека Заев ги освоил гласовите на Љубчо, Левица, БЕСА, ДУИ и ДПА, иако сите овие партии сами излегле на избори и ги освоиле гласовите.
Дали е можно ново вакво постреферендумско сценарио при евентуално неуспешен референдум, останува јавноста да види, но ретко кој верува дека Заев овој пат би го исполнил ветувањето.
Извор: “Курир”