Од почетокот на мандатот на Илија Јованоски како градоначалник и Миле Талевски како претседател на Советот на општина Прилеп, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека тоа не се луѓе од доверба и дека нивните ветувања се празни лаги – истакна на денешната прес конференција, Влатко Петкоски, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:
“Денеска после речиси 3 години од неговиот мандат, за жал тоа за кое предупредувавме стана вистина, а на тоа се сведоци сите граѓани на Прилеп.
Првиот човек на општината, заедно со сегашниот кандидат за пратеник, Миле Талевски, рамо до рамо ветуваа намалување на сметките за вода за 20%.
Се сеќавате ли на сите оние рекламни плакати, силни говори, дека прилепчани ќе плаќаат најмалку за вода во целата држава?
Сепак, наместо за 20% намалени сметки за вода, граѓаните на општина Прилеп денеска добиваат сметки кои се за 60% повисоки, или СДСМ како власт барем во нешто го смести Прилеп помеѓу општините на самиот врв во Република Македонија.
Истото дуо денеска ги посетува градските населби и населените места и ветуваат дека можеле повеќе и можеле подобро.
Па добро, што е тоа подобро што можите да направите? Дали во иднина ќе им ја наплаќате на граѓаните и дождовната вода која им паѓа врз крововите на куќите?
Доволно направивте, односно не направивте и затоа е доста од вас! Ја изневеривте и таа малку доверба која ја имавте кај граѓаните и затоа ќе доживеете невиден дебакл на 15-ти јули.
Ќе бидете силно поразени затоа што сметате дека граѓаните се со кратко помнење и затоа што ја потценувате нивната интелигенција, разум и мудрост.
Ветувањето за 20% пониски сметки за вода се памети како да беше денес, исто како што се паметат и сите останати мегаломански лаги од ветениот нов живот.
Почитувани,
ВМРО-ДПМНЕ пред вас излегува со реална програма, со реални ветувања и чесни намери.
Времето на лажните и политичарите од кариера во Република Македонија заврши и затоа ве повикуваме силно да ја поддржите Обновата на татковината и да го заокружите бројот 14 на 15-ти јули”.