Осветената вода е образ на Божјата благодат: таа ги очистува луѓето од духовните нечистотии, ги осветува и укрепува во подвигот на спасението во Бога. До неа првично се докоснуваме во Светото Крштение, кога при извршувањето на таинството, трипати биваме потопувани во купелот, наполнет со света вода.
За Богојавление, секој православен христијанин носи дома сад со света вода, ја чува грижливо како голема светиња, причестувајќи се со неа, особено во време на болести и при секоја немоќ.
Богојавленската вода, како и Светата Причест, верните ја пијат/употребуваат на гладно. „Осветената вода – како што пишувал светителот Димитриј Херсонски – има сила за осветување на душите и телата на сите што се ползуваат со неа“. Таа, примана со вера и молитва, ги лекува нашите телесни болести.
Светата вода го гаси пламенот на страстите, ги изгонува злите духови – еве зошто со света вода се попрскува секое живеалиште и секој предмет што се осветува.
Препоодобниот Серафим, после исповедта секогаш на поклониците им давал да пијат света богојавленска вода.
Преподобниот Амвросиј на еден смртно болен човек му испратил шише со света вода – и неизлечивата болест, за чудење на лекарите, ја снемало.
Старецот еросхимонах Серафим Вирицки секогаш советувал да се попрскуваат производите и самата храна со Јорданската (богојавленската) вода која, според неговите зборови, „самата осветува сè“.
Свети Јован Шангајски советувал: „Секој треба да има дома богојавленска вода доволна за целата година и да се ползува со неа во секоја потреба: во случај на болест, тргнување на пат, кога некој е вознемирен, учениците пред испити итн. Луѓето што пијат по малку света вода секој ден, пред јадење, прават добро. Таа ги укрепува силите на нашата душа – ако тоа се прави со молитва и набожност, без да се очекуваат механички резултати од тоа“.