Наставниот план за гимназиско образование е структуиран од 3 организациско-содржински компоненти:
Задолжителни предмети
Задолжителните предмети го сочинуваат заедничкото програмско јадро и тие се заеднички и задолжителни за сите ученици во гимназиското образование. Тие се претпоставка за обезбедување на општообразовен стандард кој овозможува хоризонтална и вертикална проодност на учениците. Опфаќаат содржини од современото општо образование коишто во прва година се распоредени во 10 (11) наставни предмети, за постапно да се намалат во четврта година на 5 (6) наставни предмети. Оваа компонента на Наставниот план ја сочинуваат 12 (13) наставни предмети распоредени во четирите години. Тоа, во основа, се поголемиот дел од наставните предмети кои во континуитет продолжуваат од основното образование. Програмите за овие наставни предмети ги изготвува Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставници од училиштата, а ги донесува министерот за образование и наука.
Изборни предмети
Изборните предмети се групирани во три изборни подрачја: природно-математичко, јазично-уметничко и општествено-хуманистичко подрачје. Ваквата глобална групираност донекаде соодветствува на групираноста на науките во високото образование, а претставува и прегледно групирање на програмските содржини врз основа на што ќе се определуваат учениците.
Училиштата се должни да обезбедат услови за реализација на воспитно-образовна работа во најмалку две изборни подрачја. Во помалите места училиштата треба полека да создаваат услови за реализација на воспитно-образовната работа во сите три подрачја.
Ученикот, од најмалку двете изборни подрачја што му ги нуди училиштето, се определува за едно во втора година, најдоцна до крајот на наставната година. Со оглед на тоа што во втора година постои разлика само во еден изборен наставен предмет, ученикот може да го смени изборното подрачје и/или училиштето најдоцна до крајот на втората учебна година (30 август во тековната година), ако за тоа постојат услови во училиштето.
Изборните предмети имаат функција на продлабочување и проширување на знаењата на учениците. Изборноста е застапена преку наставни предмети кои се јавуваат под ист назив како дел од задолжителните предмети и преку наставни предмети под различни називи од називите на задолжителните предмети кои претставуваат делови или изводи од научните дисциплини. Изборните предмети се програмирани со по 2 и 3 часа неделен фонд од втора до четврта година. Наставните програми за изборните предмети ги подготвува Бирото за развој на образованието во соработка со соодветните факултети и наставниците од училиштата, а ги донесува министерот на образование и наука.
Од наведената листа на изборни предмети секое училиште е должно, според интересот и желбите на учениците, како и според своите кадровски и просторни можности и услови, да понуди најмалку три предмети од кои ученикот избира еден.
Училиштето ги запознава учениците со листата на изборните предмети во текот на првата година, а ученикот се определува за еден предмет од листата најдоцна до крајот на првата наставна година. Ученикот може да го смени изборниот предмет најдоцна до крајот на првата учебна година (30 август во тековната година) доколку за тоа постојат услови во училиштето.
Бројот на учениците за кои може да се организира настава за одделен избран изборен предмет изнесува најмалку 17.
Училиштето е должно да ги информира учениците за можните комбинации на изборни предмети во текот на втората година на школувањето, а ученикот треба да се определи за една комбинација на изборни предмети на крајот на втората наставна година. Ученикот може да ја смени комбинацијата на изборни предмети најдоцна до крајот на втората учебна година (30 август во тековната година), доколку за тоа постојат услови за училиштето.
По определувањето за одредена комбинација на изборни предмети, секој предмет од таа комбинација за ученикот станува задолжителен и влијае врз неговиот општ успех и правото за напредување.
Најмалиот број на ученици за кои може да се организира настава за една изборна комбинација изнесува 17 ученици или половина од дозволениот број на ученици во една паралелка.
За секоја комбинација на изборни предмети, со посебни – изведбени наставни планови се дефинираат бројот, називот, распоредот и фондот на часовите на изборните предмети по години.
Прва година: Во прва година не постојат изборни програми, што значи наставата во прва година е иста за сите ученици во гимназиското образование.
Предмети во прва година:
Македонски јазик и литература, Математика, Aнглиски јазик (прв странски јазик), Германски јазик (втор странски јазик) или Француски јазик (втор странски јазик), Историја, Географија, Физика, Хемија, Биологија, Информатика, Ликовна уметност, Музичка уметност, Спорт и спортски активности
Втора година: Во втора година сите ученици ги ги учат задолжителните предмети, но ученикот избира уште по еден предмет од листата на изборни предмети:
Предмети во втора година:
Задолжителни предмети: Македонски јазик и литература, Математика, Aнглиски јазик (прв странски јазик), Германски јазик (втор странски јазик) или Француски јазик (втор странски јазик), Историја, Географија, Биологија, Физика, Хемија, Социологија, Ликовна уметност, Музичка уметност, Спорт и спортски активности
Изборни предмети: Информатичка технологија, Елементарна алгебра и геометрија, Елементарна алгебра, Латински јазик, Етика
Трета година: Во трета година учениците избираат едно од следните изборни подрачја наведени во наставниот план: HАСТАВЕН ПЛАН ЗА ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ