Култното место на генерации прилепчани, планинарскиот дом Дервен кој е изгоре во пожap во далечната 1997 година, според голем број граѓани е лекот за спасување на шумскиот фонд.
И додека секојдневно се пустошат шумите над Дервен, а цели конвои натоварени со дрва се движат по патот од манастирот Св. Ѓорѓија до Прилеп, на никого не му текнува дека токму Дервен може да биде спасот од дрвокрадците и зачувување на белите дробови на Прилеп.
Кога би се обновил би можел да се користи покрај од планинарските друштва и од полицијата, па така со постојана контрола на теренот дрвокрадците не би се осудувале да продолжат со пустошењето на шумите.
Инаку изградбата на домот е започната 1951 година, а завршена во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта.
Во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво – „Козјак” од Прилеп, кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба.
Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Има две големи простории во кои се сместени околу 50 кревети.
Домот имал кујна и трпезарија опремени со потребната опрема кои може да им служат на посетителите. Имал и помошни простории и соба за домарот на домот.
На 1 март 1997 година, домот е опожарен и целосно руиниран. Останати се само камените руини од домот. Од 2013 година планинарското друштво Козјак е во преговори со општината Прилеп за возобновување на домот и ставање во функција.
Традиционалното искачување „Козјак ’97“ за првпат е одржано во 1997 година. Името на ова искачување „Козјак ’97“ е во спомен за планинарскиот дом Дервен кој изгоре во март истата година.
Искачувањето се организира една недела после православниот христијански празник Дуовден (Духовден).