Христина Наумческа родена во Австрија, Виена, a по потекло од прилепчанка и доктор по абдоменална хирургија, во петокот се обрати пред илјадниците прилепчани кои во Прилеп маршираа “За заедничка Македонија”. Нејзиниот емотивен говор беше проследен со громогласен аплауз од присутните, а изобилуваа и позитивни коментари на социјалните мрежи.
Сепак неколку поединци се обидоа да го оцрнат овој нејзин настап и со погрдни коментари коментираа на социјалната мрежа Фејсбук. Поради тоа, Д-р Христина Наумческа се обрати до нашата редакција со своја реакција. Во продолжение проследете го целосното нејзино обраќање.
“Мили мои браќа и сестри Македонци!
Се изненадив од огромниот број на прегледи на моето обраќање на протестниот марш во Прилеп. Сега сакам да го искористам моето демократско право и да се обратам до сите, без разлика на позитивните или негативните ставови. За сите оние кои ме бркаат да си одам од државава и кои изјавуваат дека јас од “Баџа ура викам”, кои мислат дека дојдов да се рекламирам за потоа да си заминам, јавно кажувам јас сум тука. Сеуште го поддржувам протестот! Сакајќи некој да го оцрнат моето лице како жена, како мајка и сопруга со коментари кои не доликуваат на културните луѓе, јавно им кажувам дека насекаде сум ценета личност како докторка, почитувана како сопруга и сакана како мајка.
Како чесни и поштени луѓе со мојот сопруг плаќаме данок во Австрија, но и се залагаме на секој можен начин да придонесеме за Македонија. Нашиот капитал го вложуваме во Македонија со тоа што за почеток имаме вработено 10 лица, за кои плаќаме придонеси, а воедно и данок на државата.
За сите оние кои залудно се лажат дека сум добила пари за да дојдам, информирам дека мене никој не ме повика, ни ми плати, мене ме донесе срцето и љубовта кон мојата татковина.
Јас како дете го користев секој распуст во Македонија и доброволно ја посетував наставата овде со децата, така да многу добро го владеам кириличното писмо. Целиот мој живот учам и многу лесно ќе составам говор, кога зборовите ми доаѓаат од душата.
Сите што ме знаат и не ме знаат, нека запомнат дека како личност уште многу ќе вложувам во Македонија.
Овде не се работи за реклама, јас сум доволно позната и призната, овде се работи за Македонија.
ЈАС СУМ ТУКА!
Станете Македонци и бидете присутни во уште поголем број!
Се гледаме во 18 часот пред хотел Липа”, истакна Д-р Христина Наумческа.