Вријат социјалните мрежи откако министерката за образование, Мила Царовска, најави дека со новиот Закон се планира дигитализирање на учебниците.
Граѓаните, но и професорите не се согласуваат со ова законско решение. Со коментар се јави и Професорот по теоретска механика на Техничкиот факултет во Битола, Д-р Дејан Трајковски.
Неговиот ФБ статус го пренесуваме во целост во продолжение:
“Не само што мора да постојат печатени учебници, туку тие не смеат да им се одземаат на учениците на крајот на учебната година.
Токму затоа што им се одземаат, во последниве години гледаме генерации студенти коишто немаат поим ни што се учело, ни во која година нешто се учело, а најчесто прв пат слушаат дека воопшто се учело.
Во погорните одделенија ниту им барале знаења од подолните, затоа што оправданието било дека немале книга од каде да се потсетат или повторат.
Со своите штетни образовни политики произведоа генерации кои изгледаат како да се од Марс паднати, да не речам хендикепирани (иако незнаењето е сериозен хендикеп). Како да работиме тогаш со генерации, чија образовна возраст е десетина години зад календарската? Ќе си играме образование, ќе се лажеме самите, но и другите.
Нашите големи стручњаци за образование од XXI век не го научиле ни тоа што го знаеле уште старите Римјани: Repetitio est mater studiorum. Филолозите дури точно измериле: за да се научи и запомни еден странски збор, потребно е седум пати да се повтори (затоа што седум пати се заборавил)”.