Д-р Трајковски: Кој дозволил објект за сместување на болни и неподвижни лица да биде изграден од запалливи материјали?

Кој дозволил објект за сместување на болни и неподвижни лица да биде изграден од запалливи материјали? Како можело да им падне на памет да употребат полиуретан (ПУР), ако се знае дека тој материјал гори побрзо од слама? – прашува на Фејсбук Проф. Д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола

Второ прашање: дури и ПУР-от не може да се запали моментално, бидејќи се наоѓа во сендвич од метални лимови, колку и да се тенки. Дали имало персонал да се обиде најпрво самиот да го угасне? Дали во просторијата имало или немало доктор, сестра, болничар или чистачка? Ако имало, биле должни да гаснат по појавата на пламенот. Ако пак немало персонал, тогаш зошто немало?

Пламенот на почетокот, ако навистина избил поради куса врска или искрење на утичницата, можел да се угасне со рачен противпожарен апарат или макар со обично ќебе од најблискиот кревет.

Трето прашање. Дали во модуларната болница имале соодветен противпожарен апарат, за гаснење на пожар од дадената категорија? Дали е можно персоналот никогаш да не научил да ракува со противпожарен апарат? Па сите ние во колите имаме по еден таков апарат, а ги имаме и дома.

Четврто прашање: ако персоналот презел мерки за гаснење и не успеал во тоа, а пожарот толку бргу се ширел, тогаш катастрофата потенцијално може да се повтори во било кое време и во било која модуларна болница во Македонија – и никој нема да може да ја спречи. Дали тогаш ќе продолжат да ги изложуваат на ризик ковид-болните во државата?

Доаѓа зимата, времето на греалки, а ние многу рано видовме што може да стане во овие монтажни болници од пеколот. Тогаш подобро нека ги затворат со време.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.