Рецидив на туморот кој пред 5 години беше отстранет беше причината поради која кај 14-годишниот Филип мораше повторно да биде изведена неврохируршка интервенција. Родителите на Филип, кои немаа финансиски средства за да ја изведат операцијата, преку социјалните медиуми испратија апел за помош за нивното дете – стои во соопштението на веб страната на “Aџибадем Систина”.
Средствата што беа собрани преку донацијата не беа доволни за да се покријат трошоците за интервенцијата. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и проф. д-р Кирил Лозанче, неврохирургот кој ја извел и првата операција на Филип, излегоа во пресрет на барањата на родителите и прифатија да го оперираат.
„Сакам да изразам огромна благодарност до болницата ‘Аџибадем Систина’ и проф.д-р Кирил Лозанче. Секој кој е родител ќе сфати што направија тие за нас. Нашата финансиска состојба не дозволуваше да биде опериран во приватна болница, но еве благодарение на хуманоста на неврохируршкиот тим и менаџментот на болниџата, Филип сега е добар“, вели Слободанка Петровска, мајката на Филип.
Операцијата на Филип беше сериозен предизвик, пред сè поради специфичната локализација на туморот.
„Запознаев бев со состојбата на Филип бидејќи го следам неговиот случај уште пред 5 години, кога ја направив и првата интервенција. За жал, туморот се повтори и беше потребно повторно да се направи операција на главата. Во лекувањето беше вклучен мултидисциплинарен тим составен од неврохирурзи, невролози, анестезиолози и онколози. За безбедноста на интервенцијата во голема мера помогна и примената на невромониторинг преку кој се следи оперативното поле при што не постои можност за повреда на нерв при интервенцијата. Операцијата помина во најдобар ред“, вели проф. д-р Лозанче.
По интервенцијата, Филип е во добра здравствена состојба. Следуваат редовни контроли и следење на неговата состојба.