Велат, некогаш Стара чаршија била рамна со венециската по „убајна“, по бројот и раскошот на занаетите. Истопорени дуќани на разни занаети и еснафи. Врвулица луѓе кои чекорат по “градската” калдрма сред центар. Кој ита да купи волница, баба да сплете фермеле или калчуни, кој да купи бардиња. Кој пак, ене го, кај Марулецот да купи жилени ластици и стрела. Кој да се заблажи со слатко-благо од слаткарницата до некогашен хотел Јадран, па таму да наврати на по некое чоканче ракија во бифето. Или да прошета околу триаголното паркче накитено со трендафили, или да потседне на клупите, душа да “собери”, збор-два да “скрши”.
И од било која страна да се слика Прилеп, неизбежен е градскиот часовник. Отсекогаш гордо сведочел за маките и радостите и секогаш “се виорел” до небото.