Селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван на тренингот одржан вчеравечер ги врати меѓу репрезентативците Данеил Дупјачанец и Мартин Велковски.
„Оддалечените“ се појавија на тренингот и се извинија на соиграчите и на стручниот штаб по што беа прифатени назад во селекцијата.
Претходно, селекторот изјави дека целосно ја поддржува одлуката на неговиот помошник Данило Брестовац за нивно отстранување од таборот поради недисциплина.
Македонските ракометари во Скопје ќе тренираат уште денеска и утре по што ќе добијат два слободни дена. Со подготовките за ЕП продолжуваат на 2 јануари. До патувањето на еврошампионатот во Полска ќе одиграат по два натпревара со Словенија и со Црна Гора.
За Краков, Полска планирано е да се патува на 13 јануари, а првиот натпревар на ЕП Македонија го игра на 15 јануари против Франција. Во групата уште се и домашната репрезентација на Полска и Србија.