Во спортската сала во ООУ “Добре Јованоски” – Прилеп се одржа државно првенство во Бразилска Џиу Џица – дисциплина НО ГИ. Прилеп за прв пат е домаќин на едно вакво државно првенство во Бразилска Џиу Џица, што претставуваше новина во спортското натпреварување во градот под Марковите кули.
– Ова е добра можност младите да се запознаат со оваа боречка вештина. Локалната самоуправа секогаш излегува во пресрет и ги поддржува ваквите спортски натпреварувања, се со цел што повеќе младата популација да биде спортски активна.- исткна градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески,поздравувајќи ги учесниците и посакувајќи им успешни и фер борби.
На петтото државно првенство во Бразилска Џиу Џица, учество зедоа повеќе од 100 натпреварувачи од неколку градови од Р.Македонија: Прилеп, Скопје, Куманово, Охрид и Велес. Публиката имаше можност да види 90-тина борби во машка, женска и детска конкуренција, во почетна и напредна категорија, на натпреварувања, во мешани боречки вештини.
– Прваците од овие државни првенства се категоризираат во репрезенативниот состав и се дел од меѓународните натпреварувања за Бразилска Џиу Џица, Целта на ваквите собири е да се популаризираме оваа боречка вештина во кои можат да се натпреваруваат рамноправно и момчиња и девојчиња од различна возрасна категорија – вели претседателот на Бразилска Џиу Џица федерација, Ивица Алексоски.
Домаќин на државно првенство во Бразилска Џиу Џица – НО ГИ беше прилепскиот клуб за Бразилска Џиу Џица – РУТС БЏЏ-Прилеп, а организатор Македонската Федерација за Бразилска Џиу Џица. Дел од борбите кои се водеа меѓу натпреварувачите беа без кимоно, а целта беше борачите од различни категории да се стекнат со ново искуство, кое, понатаму ќе им биде корисно за следните државни и меѓународни турнири.