Драма во САД: Голем број сенатори го оспоруваат изборот на Бајден – конечната битка на 6-ти јануари

Единаесет сенатори од Републиканската партија најавија средба следната седмица заради оспорување на резултатите од гласањето на електорскиот колеџ на претседателските избори во САД.

„Конгресот би требало веднаш да именува Изборна комисија, со целосни овластувања за истрага и за утврдување на фактите, која ќе изврши итна десетдневна ревизија на изборните резултати“, се вели во заедничката изјава на единаесеттемина сенатори.

Седум актуелни и четворица новоизбрани членови на Горниот дом бараат сојузните држави поединечно да ги преиспитаат резултатите на комисијата и, ако е потребно, да одржат посебно законодавно заседание за потврдување на резултатите од изборите.

„За таа цел, имаме намера на 6 јануари да гласаме за да ги оспориме електорите од спорните држави како ‘нерегуларни’ додека таа итна десетдневна ревизија не биде завршена“, се додава во заедничката изјава.

Меѓу потписниците се сенаторите Тед Круз од Тексас, Рон Џонсон од Висконсин, Џејмс Ленкфорд од Оклахома, Стив Дејнс од Монтана, Џон Кенеди од Луизијана, Марша Блекбурн од Тенеси, Мајк Браун од Индијана, Роџер Маршал од Канзас, Бил Хагерти од Тенеси, Томи Табервил од Алабама и Џош Хоули од Мисури.

Електорите ја потврдија победата на Џо Бајден на изборите од 3 ноември, откако сите 50 сојузни држави ги потврдија резултатите од гласањето. Според официјалните резултати, Бајден собрал 306 електорски гласови наспроти 232 на актуелниот претседател Доналд Трамп.

Конгресот на заедничка седница на 6 јануари треба да ги потврди гласовите на електорскиот колеџ, а потпретседателот на САД, Мајк Пенс, ќе претседава со пребројувањето на гласовите од секоја држава.

Инаугурацијата на новиот претседател е закажана за 20 јануари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.