Драган Цикуроски од Варош е жива легенда кој нема кој не го знае: Со усна хармоника направи одличен амбиент за Илинден (Видео)

Драган Цикуроски (57) свирач на усна хармоника и љубител на природата

Ја збогати празничната атмосфера во Крушево со настапот на усната хармоника прилепчанецот Драган Цикуроски (57). Намерниците и оние кои од љубопитност за да ја освежат меморијата за историските споменции, за илинденските денови го посетија Македониумот, ги дочека и несекојдневен амбиент.

Во исклучителната акустичност на просторот, во куполата каде се наоѓа гробот на Никола Карев, прилепчанецот Цикуроски со усната хармоника создаваше мошне пријатен амбиент.

Репертоарот кој го свиреше беше наменски, онака како што доликува за најголемиот празник на државата. Го испирира не само манифестацијата Десет дена крушевска република, туку и Тоше – објави во најновиот број неделниот весник “ЗЕНИТ”.

Освен што е самоук свирач, е голем љубител и на природата и спортувањето.

– За празникот Илинден свирев патриотски песни, Крушево абер пристигна и други. Она што е актуелно за деновите. Ме инспирира празникот Илинден. Покрај нив инволвирав или вметнував и по некоја народна, оние оринеталните македонски песни како Македонско девојче, Подрум одам, Елено ќерко и други. Со песните сиот тој простор се облагородува, добива во димензија. За роденденот на Тоше, пак за 24 јануари, кога доаѓаме со планиранирите од Картуш, тогаш ги свирам сите песни на Тоше, додека посетителите палат свеќи на гробот на големата балканска ѕвезда. Седам на клупата и како што идат луѓето, ги свирам песните од Тоше… Во коси да ти спијам, Цреша и други – објаснува Цикуроски.

Сам научил да свири на усната хармоника како дете на три ипол години. Првиот инструмент му го купил варошанецот кој му бил идол.

– Како дете слушав како свири на хармониката. Секој си има идол во нешто, од некого ќе повлечиш нешто или некој ќе те заинтересира. За мене беше тоа варошанецот кој со усна хармоника свиреше забавна хрватска музика, појде после Австралија. Како малечок, клекнав до него и го слушам и ја впивам музиката. Наредниота ден од книжарницата 11 Октомври ми купи усна хармоника по димензии. Прва песна која ја почнав беше Билјана платно белеше. Ја слушав по радијата и од прво ја засвирив како што требаше. Тој ми вика, види го малово, песнава ја знај, ај другава певлива и почнав Елено ќерко… Не ги учам, туку се она што в глава ми влегло, едноставно го знам. Тоа е талент, дарба, како што има некој за спорт, електроника и друго – објаснува Цикуроски.

А Драган го бидува за сé. Освен што ја негува и усовршува усната хармонка и свири за секакви пригоди, мераклија е да шета по планините. Прави музички паузи, со песни според амбиентот.

– Кога планинаревме во Дубровник, им свирев нивни песни, во Србија српски, во Босна тамошни… На паузите кога ќе се поткаснува свирам, планираните си потпевнуваат – објаснува Цикуроски.

Вели дека сака да шета. Бил дури и водич. На посетителите им приредувал и акробации.

– Околу 4-5 години работев како водич за прошетки за запознавање со историјата на Варош, Маркови кули, Трескавец и Зрзе. Она што го знам им го објаснувам. Ме препорачуваа пријатели, некои од сместувачките објекти во градов. Слоненците, Босанците и Србите кога првпат дојдоа, ме бараа пак. Сакаа да слушаат песни со усната хармоника. Им правев и фискултури по карпите. Изведував по некоја атракција за нивна разонода, релаксација… Ми се најавуваат и идат со други групи и ги имам на мукает. Правам стој на раце, изведувам и други вежби на Могила кај железните справи. Се извртувам, додека немамшто да работам. Сé има свое место. Не сака демонстрација спортот на секое место, туку каде што е својствено и каде држи место, вода – вели Цикуроски.

Ги поврзува музиката, планината и спортот. Вели дека е атлетичар, добро игра фудбал. Од него немало на езеро подобар пливач. Вози велосипед. Врти на педалите до Струга, Калишта, Радожда, Градиште, Свети Наум.

– На летување одам со велосипедот, до охридско и Преспа. Возам само југословенски велосипеди, од Партизан, Рок од Љубљана и Унис Сараево. Моментно возам велоспипед од 1996, но е кукла, Рог Љубљана – вели Цикуроски.

Кондицијата ја одржува со упорност, со инает.

– Тоа е систематика и континуитет. За нега на ова треба постојан принцип, не само желба и волја. Треба и тврдоглавост и инает, со успех да се надминеш себе си во некои работи. Пливам и трчам со километри, се качувам на висоичини… Некој ќе рече, еж родив или умрев, пукнав. Јас сум упорен. Треба да се надминеш себе си. Да направиш 150 наместо, 100 чекори, постојано да се движи човек – вели Цикуроски.

Повремено продава на пазар ореви, бадеми, лешници. Не одбива никаква работа, не откажува ако го викнат за копање бавча, куќа ако се прави, ништо не откажува.

– Кога ќе се пронајдеш себе си, ќе го засакаш и ќе се влубиш во животот. Уживам во природните ресурси, во благодетите на планините. Ја сакам природата. Треба да се одржува, да се негува. Затоа го собирам ѓубрето. Ми велат, камо да се сите како мене, особено младите. Не сме дисциплинирани. Тој патриотизам, свесноста е да се сака природата. На сите им порачувам да се грижат за здравјето, слободата и парите. Сето тоа да се интегрира во едно и да се постигне успех.

Како варошанец од стара фамилија ги негува домаќинските адети. Колку и да не е побожен, опкружувањето го прави и градскиот манастир Архангел Михаил во Варош. Во Крушево ноќевал под ведро небо, во вреќа за спиење. Без трошоци, вози, плива и ужива во природата и музиката без семејни обврски.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.