Некогаш беше природна воздушна бања, а денес спокоен бисер во прегратките на планината
Манастирот Св. Никола во прилепското село Прилепец е едно од најубавите светилишта во околината на Прилеп. Сместен на 10тина километри од градот, манастирот претставува духовно светилиште кое мами со мирот и спокојот кој го нуди.
До манастирот се пристигнува брзо и лесно по асфалтиран пат. Низ годините манастирот постојано се обновуваше и осовременуваше, за денеска да биде едно прекрасно место каде може да поминете прекрасен ден со вашето семејство, да преспиете и да уживате во прекрасната природа и чист воздух.
Во време на Втората светска војна манастирот бил засолниште на партизаните. За тоа сведочи и споменичното обележје, кое е малку десно од манастирот, а е посветено на деветмина загинати партизани, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.
Во конакот има 15 соби, а за празници е полно. Така ќе биде и оваа година за празникот Успение на Пресвета Богородица, за кога домаќините и црковниот одбор ги покануваат сите верници, на ден 27.08.2024 вечерта и 28.08.2024 дентa, на масовен собир и свечена литургија.
Вечерната литургија започнува во 19:00ч, а утринската во 08:00ч.
Веднаш потоа ќе има дружба со жива музика, заедно со “Алетенегро Бенд”
Портите на манастирот ќе бидат отворени за сите добронамерници кои ќе дојдат да запалат свеќа, да се помолат за здравје и да уживаат во празничниот ден.
Нека е за многу години празникот и напомош!