Добривоје Марински 25 години е сопственик на регионалната телевизија “Сонце” во српскиот град Аранѓеловац. Тој е Македонец по потекло, менаџер со долгогодишно искуство и реноме, а 13 години го организира познатиот “Гуча Фестивал” – врвен собир на трубачи каде доаѓаат над милион посетители од цела Србија и пошироко.
Марински има работено на еден куп други проекти, соработува со мал милион познати музички имиња од Балканот, а неодамна работел и на маркетингот за избор на претставник на Србија на Евровизија.
На “Пивофест” во Прилеп досега ги има донесено: Горан Бреговиќ, Владо Георгиев, Мирослав Илиќ, како и други познати музички имиња.
Марински неодамна преку допис до Маркукуле информираше дека со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, имале неколку средби на кои ја договарале организацијата на “Пивофест”, но и покрај понудата да обезбеди светска продукција за исти пари, со далеку подобра сцена и врвни изведувачи, работата пропаднала бидејќи секој си ги гледал своите интереси.
“Македонец од Србија најавува ли голема афера за организацијата на “Пивофест”?!
Денеска во допис Марински го коментира 17-от по ред фестивал на скарата и пивото, кој заврши во неделата.
Еве како Добривоје Марински гледа на целата организација и на успешноста на фестивалот оваа година:
“Преговарајќи со Илија, градоначалникот на Прилеп, имав впечаток дека разговарам со сериозен човек и желбата ми беше поради моето македонско потекло да го унапредам овој фестивал на кој пред неколку години ги донесов: Горан Бреговиќ, Владо Георгиев, Мирослав Илиќ и други изведувачи.
Советодавно, како искусен организатор кој изминатите 14 години директно работел на организацијата на фестивалот “Гуча”, предлагав дека “Пивофест” за оваа година има само една задача, а тоа е враќање на довербата, пред се’ на спонзорите и народот во овој некогаш прочуен фестивал.
Дека таа идеја му се допадна на градоначалникот и неговите соработници, зборуваат неколкуте состаноци на кои беа воодушевени од предлозите, а мојата желба беше после оваа година фестивалот да може самиот да се одржува, а не да се пикаат раце во џебовите на народот. За организацијата на “Гуча” локалната самоуправа за програма и продукција не плаќа ниту едно евро!
Тука доаѓаме до проблем?
Зошто?
Тука не може да се мешетари!
Во Македонија постои сериозна регионална агенција “Авалон”. “Пивофест” e препуштен на таканаречените менаџери, а јас би рекол препродавачи и нивната спрега со локалните луѓе во градовите, а тоа е случај и во Прилеп. Тука се и Јане и Маре, јас тебе кум, а ти мене …. и како тогаш нешто може да успее? Кумот не е дугме, се вели кај нас.
Од овие предлози кои ги дадов, прифатени беа само два, концертот на Цеца и концертот на Влатко Стефановски, со кого лично обавив разговор околу “Пивофест”, затоа што него го сметам за икона на регионалната музика.
Фестивалот помина и тој никогаш нема да биде “институција”, барем додека го водат вакви луѓе. Тие никогаш нема да гледаат на фестивалот развојно! Зошто?
Тоа ви е како кога кокошка ќе снесе јајце и сите сакаат да го украдат.
Како искусен организатор, го имам снимено тој плоштад во Прилеп, и истиот не може да собере повеќе од 7.000 луѓе, и тоа кога е преполн. Тоа е реалноста!
Можеме ние сега да се занесуваме и да се лажеме самите себе, дека било спектакуларно и подобро од минатите години. Постои изрека, задоволно е магарето што е магаре, но оваа година “Пивофест” доживеа вистински дебакл.
Драги дами, драги кумови, драг градоначалник, жал ми е што изгубивме време во разговори, не знаев дека вие всушност организирате вашар со плескавици”.
Инаку, градоначалникот Јованоски и организаторите, во понеделникот на прес конференција истакнаа дека овогодишниот “Пивофест” е успешна приказна и дека дневно имало по 35-40.000 посетители.