Во рамки на кампањата „Oтворени денови со Фондот за здравствено осигурување“, директорот на Фондот, Сашо Стефаноски денеска ги посети Подрачната служба во Прилеп и ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“.
По посетата на Подрачната служба на Фондот, Стефаноски нагласи дека отворените денови продолжуваат за да ги слушнат мислењата и предлозите на граѓаните.
Нашата политика, посочи, е транспарентност во работењето и секојдневно присуство меѓу нашите осигуреници за да се слушнат нивните забелешки и предлози, како и барања.
– Со осигурениците разговараме за најважните прашања за нив, а тоа се остварувањето на нивното право за здравствено осигурување, добивањето одредени привилегии во здравствениот систем. Прилеп е исклучителен град за Фондот, затоа што само за здравствените установи во Прилеп, годишно Фондот издвојува преку 500 милиони денари во вид на буџети, а за аптеките во каде осигурениците може на товар на Фондот да подигнуваат лекови на рецепт, годишно се издвојуваат околу 126 милиони денари, или околу 2 милиона евра за лекови за граѓаните, рече Стефаноски и додаде дека секоја година континуирано ги зголемуваат средствата за оваа намена.
Потенцира дека во Прилеп е исклучително е голем интересот за Ин витро постапката.
Стефаноски се сретна со менаџментот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ и нагласи дека буџетот за таа јавна здравствена установа е зголемен.
– Фондот за здравство ова година за здравствените услуги кои ги користат осигурениците во градската болница во Прилеп, има предивдено буџет од 378,5 милиони денари, кој е зголемен споредено со 2015 кога изнесуваше 343,1 милиони денари. Најчестите болнички услуги се породувањата, третирањето на респираторните инфекции и процедурите на леќа со фако метода, а најчести здравствени услуги во специјалистичко консултативната здравствена заштита се прегледите со медикаментозна терапија, ЕКГ, додаде Стефаноски.
За директорот на Прилепската болница Петар Ристески, оваа институција функционира без особени финасиски и кадровски проблеми, а повеќето одделенија се реновирани.
– Реновирани се повеќето одделенија, останува уште ортопедското одделение и операционите сали на ортопедија, хирургија и гинекологија. Набавена е медицинска опрема во вредност од околу 10 милиони денари, а болницата и кадровски се екипира. Вработени се 12 лекари специјализанти, од кои 6 се упатени на специјализација со кофинасирање, а болницата е доволно снабдена со лекови, опрема и мазут за наредниот период, додаде Ристески.