“Директорката не одговори на ВМРО-ДПМНЕ како може 100.000 евра да е разликата за еден автобус?”

На вчерашната прес конференција од в.д. директорката на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање при Општина Прилеп, стигна реакција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп. Цветаноска на вчерашната прес конференција истакна дека опозицијата лаже за наводите околу набавката на новите автобуси и дека ќе поднесе kpивични приjaви за наводна клевета и нарушување на угледот на претпријатието.

Во продолжение реакцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп:

“Денеска в.д. директорката на ЈП за ПУП при Општина Прилеп, Марија Цветаноска, во едно бледо издание, повеќе збунета од сигурна, презентираше некакви документи дека јавната набавка на новите автобуси била регуларна.

Цветаноска дури се закани дека ќе поднесела кривични пријави до членови на претседателството на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, само поради тоа што тие од неа и од општината побараа поголема транспарентност и одговори на прашања.

Почитувана директорке, потпретседателот на Општинскиот комитет и претседателот на Унијата на млади сили, од вас побараа одговори како е можно на еден така гломазен тендер во вредност од 1 милион евра пари на граѓаните, и во двата наврати да се пријави само фирмата Аутомакедонија АД Скопје?

Кога веќе велите дека компанијата доставила банкарска гаранција при првиот тендер, зошто пред јавноста и медиумите не ја покажавте таа гаранција и зошто не ги покажавте и документите од првиот тендер?

Зошто не одговоривте до кога новите автобуси болиди ќе полнат гориво дури во Битола и на колкав дополнителен трошок ќе го изложите буџетот на општината?

За каков меѓународен тендер зборувате, кога на електронскиот систем од Бирото за јавни набавки пишува дека за тендерот не постоела меѓународна објава?

Како и со кои докази ја оправдувате цената на автобусите од по 250.000 евра, кога најскапата цена на исти вакви автобуси на пример во Данска изнесува 150.000 евра?

На крајот ве прашуваме и во какви роднински врски е вработен во локалната со увозникот на автобусите?

Единствено нешто што ви остана се заканите, прогоните и притисоците. Затоа за многу кратко време ќе морате да дадете одговор на сите прашања пред независни и слободни институции. Дотогаш би ве советувале да не заглавите во уште некоја скандалозна набавка и непотребно да ги задолжувате граѓаните и општината!”

Набавката на четирите нови автобуси за речиси 1 милион евра ги скара власта и опозицијата во Прилеп. После реакцијата од Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сеуште нема одговор од првиот човек на ЈП за ПУП.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.