Директорите што прават пристисок ќе имаат правни последици? Утре учениците дома, просветарите на ШТРАЈК за 25% повисоки плати

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека синдикатот в понеделник ќе го реализира предупредувачкиот штрајк и сите наставници членови на СОНК, нема да организираат настава. Во интервју за Прес24, сепак вели дека се можни притисоци, а најавите на дел од наставниците дека нема да штрајкуваат ги оценува како индивидуална одлука, која нема да влијае на штрајкот.

– Апелот на некои наставници до родителите дека ќе ги примат децата во училиште е, се чини, по притисок од одредени општини и директори на училишта. Можно е некои наставници кои не се наши членови и не сакаат да се солидаризираат со штрајкот на СОНК да ги спроведуваат активностите во училиштето, меѓутоа тој број е многу мал и е невозможна редовна активност на училиштето. И секако, можни се и партиски притисоци кои би оделе во правец на намалување на ефектот од штрајкот на наставниците, но се поставува прашањето на крајот, кој добива а кој губи со вакви методи на попречување на загарантираното право на Штрајк со Устав, Закон и меѓународни конвенции, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК во интервју за Прес24.

Според него еднодневниот предупредувачки штрајк треба да биде сериозно сфатен, бидејќи тој може да биде вовед во сериозни ситуации, ако власта остане глува за нивните барања.

-СОНК е конструктивен синдикат, му дава шанса на социјалниот дијалог за решавање на проблемите. Но СОНК нема да дозволи коректноста и констуктивноста да се злоупотреби и преговорите да траат бесконечно. Затоа еден ден штрајк значи гласно кажување на незадоволството на просветните работници од статусот што го имаат во општеството и предупредување за можните последици од занемарување на нашите барања, вели Неделков.

СОНК го крена својот глас поради како што велат нерамномерното покачување на платите. Почетната плата на наставник во основно образование е 21.660 денари, а во средно образование 22.500 денари, со што овој сектор го става на најниско ниво на општествено вреднување на трудот.

-Тоа се највисоките плати во овие дејности, не рачунајќи ја платата на директорите, додека пак најниските плати се платите на помошно – техничкиот персонал кои се околу 12.500 денари . Во високото образование и наука состојбата воопшто не е подобра, така што за еден редовен професор на државните универзитети државата одвојува околу 35.000 денари, вели Неделков.

-Ако некогаш учителската професија била вистински најценета професија, денес тоа не е така. Денес , со оглед на висината на платата, условите за работа, правата на родителите, учениците, преголемо влијание на разни фактори поврзани за образовниот процес, оваа професија ја прават не атрактивна. Особено за предметите од природните науки, кој што се доста барани на пазарот на трудот во Македонија но и надвор од неа. Математичари, информатичари, електроничари, предмети од електро и машинската струка во приватниот сектор се неколкукратно повеќе платени отколку во образованието. во Македонија квалитетот на образованието е во тренд на опаѓање, за што надлежните и компетентните во државата мораат врз основа на сеопфатни анализи, што е можно поскоро, да превземат мерки за создавање на систем на квалитетно образование, со што и државата би имала просперитет во сите сфери на функционирање и живеење, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК во интервју за Прес24.

Целото интервју прочитајте го ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.