Кога имала само две години, наместо кукла, побарала да ѝ купат пиштол со дијаболи. Потоа и пушка. Ова се играчките од нејзиното детство, за кои родителите мислеле дека се само минлива работа. Но, пушката од играчка брзо ѝ станала вистинска страст, па сега ѝ е најверна другарка во освојувањето медали и признанија во стрелаштво – пишува порталот “Деца.мк”.
Полуматурантката Ирина Јованоска од Прилеп е наш државен првак во стрелаштво во дисциплината 10 метри –воздушна пушка во последните четири години. На последното државно првенство во нејзината категорија-пионери го собори и личниот рекорд. Од септември ќе настапува во категоријата младинци.
Логично е четиринаесетгодишната Ирина како државен првак досега да учествувала на меѓународни натпревари и да ја претставувала Македонија. Но, за жал, овој предизвик за неа сѐ уште е сон бидејќи нема соодветна пушка.
Нејзината мајка Јасмина за порталот “Деца.мк” вели дека две години барале спонзорства и се обраќале до локалните власти за помош, но безуспешно. Затоа Ирина решила целата заштеда од стипендијата што ја добива од Агенцијата за млади и спорт да ја потроши на овој сон.
– И таа заштеда секако не е доволна, па и ние ќе додадеме пари. Жал ми е што ќе ја троши нејзината заштеда, но тоа е реалноста. Пушката што ѝ е потребна има соодветни стандарди за меѓународни натпревари, кои мора да ги задоволува, а клубот каде што тренира не е во можност да ја набави. Чини 2.700 евра. Пушката со која сега пука е на клубот и не задоволува стандарди за меѓународни натпревари – објаснува Јасмина.
Целата сторија за Ирина прочитајте ја ТУКА