Учениците од посебните паралелки при ООУ „Климент Охридски“, со градското вовче денеска направија обиколка низ градот и ја посетија Могилата на непобедените.
Рајската градина која се наоѓа на Могилата на непобедените беше крајната дестинација од оваа мини екскурзија, која им ја овозможи Локалната самоуправа во соработка со училиштето.
„На иницијатива на Локалната Самоуправа и во соработка со ООУ „Климент Охридски“, децата од паралелките со посебни потреби, денеска направија една кратка екскурзија, посетувајќи ги знаменитостите на градот. За нивната радост да биде уште поголема, прошетката ја направија со атрактивното туристичко вовче, а воедно ја посетија и рајската градина, каде покрај веќе познатите пони коњчиња ламите и другите рајски птици, најмноги му се израдуваа на бамби срнчето“, посочи градоначалникот Марјан Ристески.
Локалната самоуправа редовно се грижи за потребите на овие дечиња и за сите други, обезбедувајќи им подобри услови за следење на наставниот процес и редовно уредување на ова прекрасно катче на могилата на непобедените, на кое најмногу му се радуваат најмалите генерации.
Инаку, Локалната самоуправа во иднина ќе обезбеди и посебно опремена просторија во ова училиште за потребите на децата со аутизам, со што ќе им се овозможи подобар третман за време на престојот во оваа образовна институција.