Изложени на ризик, закани, пцовки и викање, како и на удар на дел од медиумите, тимот на стручни работници при Меѓуопштинскиот центар на социјални работи-Прилеп никогаш не се обесхрабрува, напротив делува решително, ефикасно и ефективно.
Нивната хуманата работа е континуирана и професионална, нивното единство како тим ги прави посебни, а желбата за работа и да се помогне некому е вистински и редок пример.
Најсвеж пример од пред два дена е случајот двегодишното момче од ромската популација (во сторијата ќе го наречеме Н.Н.), оставено на милост и немилост во центарот на Прилеп, на дожд и ветер, да питачи и само да го заработува лебот.
Со мил поглед и слатка насмевка, Н.Н. до пред два дена го освојуваше секој втор минувач и добиваше по некоја паричка, што според минувачите потоа послушно ја предавал на возрасен човек.
Интервентноста и решителноста на стручните работници при ЈУ МЦСР- Прилеп го спаси ова дете од сигурно премрзнување и заболување од студените плочки на градскиот плоштад.
Случајот со двегодишникот крена голема бука од некои медиуми, што му дадоа негативна конотација на случувањата.
Имено, на 19.10.2016 година (среда), тим на социјални работицни од ЈУ МЦСР-Прилеп со асистенција од подрачната полициска станица, во претпладневните часови, се упатил на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, секојдневното престојувалиште на малиот Н.Н.
Во моментот кога еден од социјалните работници го зема детето, e нападнат од неговите роднини, што го оставиле да пита, а според очевидци и го тепале за да не го напушта местото.
За неговите роднини, за случајот со Н.Н. виновна е државата и власта, и тука го најдуваат оправдувањето за оставањето на двегодишното дете со денови да се смрзнува на градскиот плоштад.
Маркукуле дознава дека, ЈУ МЦСР-Прилеп запазувајќи ги стандарддите и процедурите за постапување со малолетно дете изложено на социјален ризик, во претпладневните часови околу 11 часот, детето е повлечено од центарот на Прилеп, пружена му е здравствена заштита, а потоа околу 2 часа е згрижено во просториите на ЈУ МЦСР-Прилеп каде му е пружена храна, топла и чиста облека и хигиена. За тоа време извршена е идентификација на детето во соработка со ПС-Прилеп и ЈУ МЦСР-Кичево и други релевантни институции. Потоа истото со службено возило е пренесено во Кичево, неговиот матичен град на живеење, каде околу 16:00 часот е предадено во просториите на ЈУ МЦСР-Кичево, од каде се презеле мерки и детето било сместено во згрижувачко семејство.
“Одеднаш лицето на двегодишното момче блесна, детето како да знаеше дека некој му подаде рака, дека за миг го прегрна и му даде нова надеж. Во тој краток период ни стана пријател на сите, играше и се радуваше на секоја педа простор околу него”, велат вработените стручни работници.
Случајот со Н.Н. не е единствен, постојат деца кои треба да бидат згрижени и на кои им е потребна помош. Но, кога станува збор за дејствувањето на стручните работници постојат многу аспекти на кои треба да се внимава, како и законски процедури и правилници што треба да се испочитуваат.
Од ЈУ МЦСР Прилеп напоменуваат и тоа дека, поглем број од овие деца во социјален ризик потекнуваат од други градови, па дејствувањето во тие случаи е уште поспецифично и бара уште поголемо внимание.
Конкретно во овој случај, тимот на стручни работници при ЈУ МЦСР-Прилеп активно го следел случајот, а при посетата на адресата на неговото престојувалиште во Прилеп, на нив било реагирано со погрдни зборови и со закани.
Сепак, во моментот кога се исцрпиле другите законски можности на укажување, стручните работници реагираат и успешно реализираат уште една мисија, која се надеваме дека ќе донесе посветла иднина и детство за Н.Н,, кој уште на двегодишна возраст го помина најтрнливиот пат во животот.
За нас Н.Н. е малечок херој, а храброста професионалноста на тимот од стручни работници во Прилеп е дело за кое вреди да се посвети внимание, имајќи го во предвид фактот што истите често пати биле изложени на ризици по сопственото здравје и живот.