Десетто јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп

Во културна средина често фокусирана околу главниот град, Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп, претставува редок и значаен пример за тоа како уметноста може да создаде нови гравитациски точки во внатрешноста на државата. Основан со јасна визија – да му ја врати на Прилеп и неговата публика навиката на активно културно живеење – Фестивалот денес е препознаен како најпосветениот македонски концептуален простор на краткиот филм, и меѓу ретките што успеваат да изградат препознатлив интернационален идентитет. Од своите почетоци, Winter Apricots го застапува ставот дека краткиот филм не е „мал филм“, туку комплетна кинематографска форма со авторски интегритет. Со отворање кон сите жанрови и естетики, Фестивалот станува место каде што авторите ја користат кондензираната форма за да создадат силни и прецизно артикулирани визуелни идеи.

Во годините зад себе, Фестивалот селектирал филмови од пет континенти, создавајќи програма што ја следи современата краткометражна продукција и нејзините нови јазични и тематски насоки. Со тоа, Winter Apricots ја исполнува својата примарна мисија за поддршка на авторското размислување, да промовира нови перспективи и да создаде сцена што ја поттикнува сензибилноста на младата филмска публика.

Фестивалот е организиран во три натпреварувачки целини – Интернационална, Балканска и Македонска селекција – со јасно дефинирани критериуми за уметничка и техничка извонредност. Наградите за најдобар филм, концепт, кинематографија, звук како и наградата на публиката во македонската селекција, создаваат рамка во која кандидатите добиваат професионална видливост и влез на пошироки европски и светски фестивали.

Вградувајќи ги постојано меѓународните стандарди во локалниот контекст, Winter Apricots создава од/во Прилеп регионална точка на современа култура, нешто што во македонскиот културен простор е вистинскареткост. Така, Кајсиите имаат суштинско значење за културниот развој на Прилеп, град кој долги години немаше континуирани уметнички платформи со меѓународен досег.

Една од највпечатливите вредности на Winter Apricots е неговата скромна, интимна, но исклучително внимателна организација. Овој модел — неагресивен, ненаметлив, но со длабока уметничка посветеност — е препознатлив и во селекцијата на филмовите, и во комуникацијата со публиката, и во неговиот визуелен идентитет. Фестивалот, растејќи веќе 10 години, никогаш не го напушти она што го прави посебен: искрената верба дека културата може да се гради од љубов, од упорност и од заедништво. Во време кога сликите се конзумираат пребрзо, а вниманието се дроби, овој фестивал нуди простор за фокус, за размислување и за уметничка прецизност. Неговото постоење во Прилеп покажува дека уметноста е одржлива, потребна и длабоко трансформативна — без разлика каде се случува.

Јубилејното 10-то издание, кое ќе се одржи во кино „Мис Стон“ и во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“, од 10 до 13 ти декември, потврдува дека Winter Apricots одамна ја надмина улогата на класичен филмски фестивал. Најавената програма опфаќа: фотографски изложби, промоции на книги и трибини, концерти и музички перформанси, програма на танцови филмови што традиционално го отвора фестивалот (во соработка со Augenblick колективот), како и специфични хибридни формати на уметничка соработка. Вака организиран, фестивалот функционира како интердисциплинарен културен мост, создавајќи средина каде што филмот, литературата, музиката и визуелната уметност не се паралелни патеки, туку точки на пресек.

Овогодишното интернационало жири го сочинуваат тројца истакнати професионалци чија работа опфаќа значајни достигнувања во полето на филмот и визуелните уметности. Мартина Аригони, филмска режисерка, сценаристка и уметница од Милано, се истакнува со својата комбинирана практика во режија, монтажа, фотографија и критичко пишување, со учество на реномирани европски фестивали и развој на филмски проекти поддржани од водечки институции. Јелена Иванчевиќ, сценографка и дизајнерка на сет, делува во рамките на филмската и театарската продукција во Црна Гора и Србија, со значаен опус во независната и ангажираната уметност, како и учество на престижни архитектонски и сценографски платформи, вклучително и Венециското биенале. Георги М. Унковски, автор со интернационално признание и силно присуство на македонската филмска сцена, чиј најнов долгометражен филм „Диџеј Ахмед“ е наградуван на фестивали ширум светот.

Ова издание на фестивалот за првпат се отвора со изложба – внимателно избрана колекција на аналогни фотографии од Јордан Звездоски. Преку интимни визури од руралната околина на Прилеп, авторот ги претвора секојдневните сцени во визуелни фрагменти исполнети со меморија, балансирајќи помеѓу минатото и современиот ритам

Литературната компонента е застапена преку промоции на книги и трибини, вклучувајќи ја книгата „Годините“ на нобеловката Ани Ерно, во присуство на издавачката Катерина Шекутковска (Илика) и преведувачката Андријана Папиќ Манчева, „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, како и трибината „Синелитера“, посветена на пресекот меѓу филмот и литературата и на нивниот дијалог во современиот културен контекст.

Филмската програма, поделена на Македонска, Балканска и Интернационална селекција, прикажува краткометражни дела кои ја истражуваат современата визуелна естетика, наративната концентрација и темите на современиот свет. Селектираните дела се одбрани од 760 пријавени филмови од 77 држави. Танцовите филмови традиционално го отвораат фестивалот, додавајќи динамика и експериментален визуелен израз.

Музичката програма вклучува настап на Мухамед Ибрахими, мултиинструменталист кој ја спојува ориенталната музика, балканскиот фолклор и современите стилови, создавајќи храбра и неочекувана атмосфера, како и футуристичкиот аудиовизуелен проект ИСКРА, кој преку синт-звуци и интригантни анимации ја потопува публиката во хипнотизирачки свет на футуристичко Скопје.

Со ова, 10-то издание на Winter Apricots ја потврдува својата улога како интегриран културен настан, кој ја спојува кинематографијата, музиката, литературата, танцот и визуелната уметност, создавајќи мултисензорен дијалог и збогатувајќи го културниот живот на Прилеп и на Македонија.

*напишано од тимот на Winter Apricots

ПРОГРАМА НА WINTER APRICOTS 2025

СРЕДА 10, СЦЕНА 105, НУЦК „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

18:30 – 19:30
„НЕУРБАНИЗИРАНИ АРТЕФАКТИ“, ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД ЈОРДАН ЗВЕЗДОСКИ

20:00 – 21:30
„ГОДИНИТЕ“ ОД АНИ ЕРНО, ПРОМОЦИЈА НА КНИГА

ЧЕТВРТОК 11, КИНО МИС СТОН

19:00 – 20:00
„STORIES WE DANCE“, ПРОЕКЦИЈА НА ТАНЦОВИ ФИЛМОВИ

21:00 – 22:30
КОНЦЕРТ НА МУХАМЕД ИБРАХИМИ, ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ
ПЕТОК 12, КИНО МИС СТОН

18:00 – 20:00
БАЛКАНСКА СЕЛЕКЦИЈА, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

20:30 – 22:30
ИНТЕРНАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА I, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

САБОТА 13, КИНО МИС СТОН

12:00 – 15:00

„КАЛИГРАФИ НА ФИЛМСКОТО ПИСМО“ ОД ВЛАТКО ГАЛЕВСКИ, ПРОМОЦИЈА НА КНИГА И ТРИБИНА

18:00 – 19:30
НАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

20:00 – 22:00
ИНТЕРНАЦИОНАЛНА СЕЛЕКЦИЈА II, НАТПРЕВАРУВАЧКА ПРОГРАМА

22:30 – 00:00
КОНЦЕРТ НА ИСКРА, ЗАТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.