Десетина членови и активисти на политичката партија ВЛЕН од денеска се вработени во две институции во Прилеп – Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп и подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потврдуваат извори за Маркукуле.
Информацијата веќе предизвика револт и негодување во прилепската Стара чаршија, не поради тоа што се работи за лица од други етникуми, туку поради тоа што вработувањата мора да им припаднат токму на членови на ВЛЕН.
Институциите не се ниту на Македонците, ниту на Албанците, ниту на било кои други етнички заедници, институциите се на сите, и конечно треба да се разграничи што е стручност и способност, а што припадност на политичка партија.
Прашањето кое го поставуваат прилепчани, особено младите, е зошто некој се отчестува со работни места за ВЛЕН во Прилеп? Градот секојдневно го напуштаат млади луѓе кои бараат спас и надеж во некоја странска држава, најчесто тоа е Германија, но во последниве години и Хрватска.
Како медиум им честитаме на нововработените во овие институции и се надеваме дека ја поседуваат потребната стручна подготовка и соодветно образование за работните места.