Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека денеска се очекува да се финализираат преговорите меѓу Белград и Приштина во Белата куќа и дека на потпишувањето на „економскиот документ“ ќе присуствува и самиот врв на американска администрација, што ќе биде гарант за потпишаното.
-Се шпекулираше дека тоа ќе биде потпретседателот Мајк Пенс или претседателот Доналд Трамп … Доколку средбата биде успешна, на потпишувањето сигурно ќе присуствува и Трамп, рече Дачиќ утринава за ТВ Прва.
Тој смета дека присуството на Трамп ќе биде голема предност затоа што на тој начин американскиот претседател ќе стане гарант за потпишаното.
-Затоа ќе биде многу важно дали тој ќе биде присутен или не, дали ќе биде дел од таа приказна или не, рече Дачиќ.
Тој посочи дека српската страна сака договор и компромис, но дека не прифаќа ултиматум.
После вчерашните средби српскиот претседател Александар Вучуќ истакна:
„Првиот документ што го добивме имаше наслов Економска нормализација. Двете страни пристигнаа и домаќинот ни подели документ, во кој нашата страна претходно немаше увид. Тој документ беше ужасно тежок, имаше 15 или 16 точки, а една од нив беше меѓусебно признавање. Јас го одбив тоа. Тоа не е никаква новост, само што ние сметавме дека тоа не треба да стои во документ за економска стабилизација. Од кабинетот на (американскиот претседател Доналд) Трамп беа фер и нѐ сослушаа. Во другите документи таа одредба повеќе ја нема“.