„Денот на дрвото“ одбележан во Прилеп

Традиционалната манифестација „Ден на дрвото – засадија својата иднина“, која се одржува по 17-ти пат, денеска се одбележа и во Прилеп. Акцијата беше поддржана од општина Прилеп, ЈКП „Комуналец“, во соработка со ЈП „Македонски шуми“. На територијата на градот Прилеп се засадија повеќе различни видови на дрвја и листопадни и зимзелени.

_mg_3620

„Локалната самоуправа од Прилеп како и секоја година активно учествува во акцијата „Ден на дрвото – засадија својата иднина“. Оваа година поради лошите временски услови не се излезе на терен на предвидената локација, кај месноста Ореовец, но училиштата зедоа активно учество во уредувањето на училиште дворови и засадувањето на дрвја во нив. Продолжуваме и понатаму со поддршката за оваа акција, знаеме колку е важно да се засадуваат дрвја и да се чува природата“, истакна Марјан  Матракоски, советник за образование во општина Прилеп.

_mg_3717

Од ЈКП „Комуналец“ потенцираа дека на територијата на општина Прилеп во моментов се одржувале околу 6.000 дрвја, а секоја година се засадувале над 100 нови.

„Манифестацијата „Ден на дрвото – засадија својата иднина“, ЈКП „Комумалец“ и општина Прилеп ќе ја одбележат со засадување на листопадни и зимзелени дрвја во паркот пред Здравствениот дом Прилеп. Воедно ќе се засадуваат дрвја и за обновување на булеварот „Гоце Делчев“, улиците „Васко Карангелески“, „Цар Самоил“ и „Питу Гули“. Дрвја од типот јапонска цреша ќе се засадат во паркот кај градскиот саат, а ќе се обновува и дрворедот по кејот „1 Мај“. За годинава беа предвидени да се засадат 120 дрвја со обновување на улиците и булеварите, додека за 2017 година предвидено е да бидат засадени 135 дрвја во парковите и парк шумите“, истакна Лилјана Пурдеска Силјаноска, портпарол на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

_mg_3642

Од ЈП „Македонски шуми“, како носители на ова акција, истакнаа дека денешното одложување на засадувањето кај месноста Ореовец било направено поради безбедносни причини.

„Оваа акција денеска требаше да ја спроведеме на месноста викана Ореовец. На површина од 20 хектари, требаше да се засадат околу 60.000 садници, но патот кој води кон Плетвар беше затворен за тешки моторни возила, и од безбедносни причини ја одложивме акцијата. Денеска оваа акција ја поддржуваме на ниво на локална самоуправа со засадување на садници во градот“, рече Борис Јованоски, „Црн Бор“ – Прилеп.

_mg_3638 _mg_3835

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.