“Денеска се исполни очекувањето на народите, се исполни копнежот на пророците и патријарсите, се исполни надежта на праведниците, зашто дојде денот на спасението!
Денес се роди Творецот на вселената, се роди Претсуштествениот – дојде Миротворецот. Овој е Денот во кој со Бога се сретнавме, Денот во кој со Бога се видовме и во кој Бога Го примивме.
Денес Беспочетниот влезе во времето и го поврза со вечноста; во човечкиот живот засветли светлината и дојде Сонцето на вечната правда; се изврши големото и преславно чудо, за кое ангелите на небесата ликуваат, а луѓето на земјата се радуваат, зашто се помирија небото и земјата.
Затоа, сите народи да запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!” – извадок од говор на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан
На сите граѓани од православна вероисповед им го честитаме големиот Христијански празник Раѓањето на Господ Исус Христос – Божиќ. Им посакуваме оваа година да имаат многу здравје, бериќет, успех на секое поле и овие празнични денови да ги поминат во духовен мир заедно со своите најблиски.
Божиќ е исто така празник на љубовта и хуманоста и во овие денови, секој од нас, според можностите кои ги има, треба да им помогне на оние на кои помошта им е неопходна.
Божиќ е празник на мирот и празник на радоста. Господ Исус Христос при една прилика им порачал на своите апостоли „Мир ви испраќам од небото“. Тој мир посакуваме да се всели во срцата и душите на сите наши православни Христијани, да ги посети сите наши домови и општество и тој мир да ни даде сила и да ни даде моќ во деновите кои доаѓаат за да ги поминеме благочестиви, онака како што доликува на вистински православни Христијани.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
ЗА МНОГУ ГОДИНИ!