Денес се празнува Преподобен Антониј Велики: Честит именден Антонио, Антонија, Антон, Антоанета

Египќанец, роден околу 250 година во некое село Кома, близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството.

Најпрвин, се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне обеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестана молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи со неискажливо трпение демонските искушенија.

Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на светиот Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска подражавачи и ученици.

Иако беше некнижевен, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше свети Атанасиј Велики. Кога некои елински философи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени, философите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј.

Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси и само така можеше да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, свети Антониј се упокои во Господа во 335 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.