Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.
Бројни фанови и поддржувачи на Тоше од земјава и странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него. Неговите фанови велат дека Тоше има само ден на раѓање.
Од 9 до 16 часот во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.
Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, ќе го посети и Спомен домот на Тоше.
Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.
Во холот на Домот на АРМ во Скопје, пак, денеска ќе се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.
„Во рамките на традиционалните крводарителски акции на ЦК на град Скопје е и акцијата која се организира во спомен на хуманоста на нашата ѕвезда Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме. Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост“, се вели во соопштението на Црвениот крст на Град Скопје.
Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5.500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.