Денеска се празнува чудото на светата великомаченичка Ефимија

Света Ефимија била родум од Халкидон. Родителите и биле христијани, а татко и покрај тоа бил сенатор. Во времето кога Ефимија веќе била пораснала во прекрасна девојка и по дух и по тело, антипатот Приск одредил обилно жртвопринесување во Халкидон.

Четириесет и девет христијани, меѓу кои и Ефимија, се засолниле од градот, зашто не сакале да учествуваат во овој бесмислен колеж. Меѓутоа, војниците ги пронашле и ги довеле пред антипатот. А овој цели 19 дена смислувал и спроведувал најразлични мачења врз нив. Дваесеттиот ден била изведена пред него и Ефимија.

Приск се обидел најпрвин да ја придобие со ласкање, но кога тоа не му успеало, ја предал на мачење. На примерот на св. Ефимија се исполнија Христовите зборови: на змии ќе газите и ќе останувате неповредени, бидејќи таа чудесно поминуваше низ сите мачења. Најпосле ја фрлија на ѕверовите и тука свети Ефимија го предаде духот на Бога. Чесно пострада за Христа во 304 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.