На денешен ден, 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.
Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилца и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.
Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека „Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.
Кодификацијата на Македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:
-со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава
-со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука
-со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945
Кодификацијата по дефиниција: е прифаќање и систематизација на јазични правила и закони и пропишување задолжителна јазична норма. Таа претставува значаен чин во историјата на еден народ. Кодифицираниот јазик е нормиран јазик.