Денеска со почеток од 19:00 ќе се одржи промоцијата на книгата „Заклетва“, која ќе биде пропратена со македонска вечер. Во House of Legends ќе настапат Влатко Миладиноски, Филип Карајановски и Дамјан Стојаноски. Рецензент на книгата е Јохан Тарчуловски.
„Заклетва“, како што самото име кажува, е книга за еден збор кој има многу силно и големо значење. Пред еден век нашите револуционери давале заклетва за да станат дел од МРО. Тоа меѓу другото била и заклетва за одбрана на својот дом, на своето вековно огниште. Пред преку 20 години нова закана се вивна над македонското небо. Илјадници бранители се одлучија да одговорат на повикот на татковината и да застанат на нејзиниот браник.
Токму како што пред повеќе од еден век, револуционерите и партизаните давале збор во вид на заклетва за ослободување на својата мајка Македонија од злите раце на окупаторите така и бранителите во 2001 година ги напуштија своите огништа, својот пород и род, својата слобода и се одлучија на еден непредвидлив потег – да ја одбранат Македонија од тогашниот терор. Бранители кои беа подготвени да го дадат и најсветото за татковината. Токму тие луѓе не се штедеа себеси со цел исполнување на аманетот оставен од предците.
Во оваа книга ќе се спуштиме во рововите заедно со бранителите за да допреме поблиску до тоа што се случи таа година, а исто така ќе допреме до нивните сеќавања преплавени со страв и храброст, истовремено. Ќе се навратиме на миговите кога Македонија имаше потреба од силата на нејзините синови. За нас, Македонците, 2001 година е година на целосно отсликување на структурата на една држава, способна за себеодбрана. Причината за конфликтот е сè уште вид мистерија затоа што и до ден-денес се кријат многу работи, разни пропусти во командниот систем, а и многу работи ќе ви станат конфузни по читањето на книгата. Книгава во суштина е колекција од интервјуа со бранители. Интервјуата и сведоштвата ги собиравме веќе подолг период и успеавме да собереме доволен број за да се создаде книгата. Свој придонес дадоа бранители кои биле на најразлични позиции за време на конфликтот и кои учествувале во сите поголеми операции. Сите тие ги оставија дома родителите, жените, децата, за да ја исполнат дадената заклетва. Некои од нив се вратија, некои не успеаја. Државата ги заборави тие што се вратија од фронтот. Тоа и една од причините за пишувањето на оваа книга. Она што треба да се напомене е дека со секое купување на книгата „Заклетва“, дел од средствата ќе бидат наменети како финансиска помош за бранителите. Во книгата е зачувана анонимноста на бранителите од принцип на приватност. Да искажеме голема благодарност до сите бранители кои собраа храброст и сила да ги споделат со сите нас поголемиот дел од нивните доживувања на браникот на борбените акции и угнетувања. Нека Бог нè чува нас Македонците, како и нашите бранители кои биле подготвени да го дадат или за нас го дале најсветото што го имале – животот. Сите даваме по нешто, но некои даваат сè.