Целата територија на земјата е во жолта фаза, денеска времето ќе биде многу топло, со максимални температури кои во југоисточните делови ќе достигнат 40 степени, додека УВ индексот ќе изнесува 9.
Како што соопшти УХМР, целата територија на земјата ќе биде во т.н. жолта фаза за високи температури.
До петок во попладневните часови на места ќе има пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на невреме. Потоа повторно следува период на сончево и топло време.
Поради тропското време, надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), да консумираат лесна храна и течности, посебно да внимаваат при подготовка и консумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а при влегување во возило треба одреден период да го проветрат.
Во текот на ваквите екстремно топли денови граѓаните треба да останат во затворени простории (пред се климатизирани), при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, а хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија.