Три претстави се на програмата на фестивалот на петтиот ден – „Парови“ на Драмски, „Бура“ на Прилепскот театар и независната „Ла Макбет“ на „Хибрид продукција“.
Сите ние како уметници сме одговорни да дадеме поддршка на нашите колеги од Прилеп за да добијат нов театар, дали преку петиција или друга форма. Капитализмот нè направи себични луѓе и ние веќе не гледаме подалеку од нашиот праг. Меѓутоа, како луѓе што работиме со емоции, треба да бидеме поемпатични и да гледаме за доброто на колективот. Колективот наш театарски е мал. Се надевам дека Прилеп конечно ќе добие нова зграда во најбрзо време – одекна пораката на режисерката Нела Витошевиќ на тркалезната маса на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Таа гостуваше заедно со тимот на претставата од официјалната селекција „Сите прекрасни нешта“, по текст на Ана Ристоска Трпеноска, на Штипскиот театар.
Убава дискусија за теми важни за театарот и театарските политики се разви на средбата што ја модерираше режисерот Милош Б. Андоновски. Дали внимателно избираме текстови што ги поставуваме, зошто се вртат наслови на едни исти текстови. Општиот заклучок на сите учесници е дека главно не постои добра комуникација кај театрите меѓу себе и се нема заедништво.
Актерот Милорад Ангелов посочи дека токму сега, во посттрауматскиот период во кој се наоаѓаме сите ние по настанот во Кочани, треба многу повнимателно да размислиме каков театар треба да ù нудиме на публиката -Театарот има улога да биде вид брза помош за народот. Болниците ја завршија својата работа, ама сега треба ние да ја преземеме работата. Ни требаат поведри теми – за надеж, љубов – рече Ангелов.
Во духот на претставата, која е правена според монодрамата на Данкан Мекмилан и во која главниот лик има листа на омилени нешта, и Андоновски направи свој список на омилени нешта од претставата. Многу темелно и провокативно течеше дискусијата.
„Сите прекрасни нешта“ ја допре публиката, со оглед на темата во неа – депресијата, немањето волја за живот.
За мекоста со која играат актерите говореше режисерката Витошевиќ, која истакна дека сакала актерите да ги носат гледачите во претставата, полека, суптилно, како тие да чекаат во дневна соба.
– Во процесот правевме психолошки вежби, актерите влегоа многу длабоко и мекоста стана видлива. Оставија лична нишка што се чувствува во претставата. Театарот треба да има терапевтска моќ зошто единката е битна. Таа е претстава што го слави животот – рече Витошевиќ, која заедно со Ана Ристоска – Трпеноска подолго време се договорале за претстава, но не знаеле каде ќе ја постават.
Како што чувствувам, така пишувам. Депресијата како тема ми е блиска. Претходно имав текст што беше поставен во истиот театар. Текстот на Данкан го прочитав 50 пати и откако завршив го оставив настрана и го напишав својот текст – објасни авторката.
За Ефтим Трајчов Ѓаурски кој ја толкува главната улога, претставата била како сеанса во која сите биле како едно битие. Немаше некој што работеше на претставата, а да не биде погоден. Тоа многу нè спои, нè сплоти и ни помогна да се запознаеме многу подобро. Заеднички став на сите актери е дека претставата ги научила дека треба гласно да зборува и сериозно да се работи на овие теми во театарот.
Во претставата подоцна влегол актерот Никола Кузелов, но брзо станал природен дел од тимот.
За Ана Стојаноска, значајна е претставата затоа што има одличен текст и важно е театарот да ги поставува вистинските прашања, да се зборува овде и сега, а не да се лекуваат темните дамки.
Во функција на претставата е и учеството на младите музичари Јована Гркова (клавир) и Максим Нисев (виолончело), кои во живо изведуваат нумери, со кои ја прават претставата лиричност.
Албанскиот театар синоќа остави голем печат на програмата на 59. издание, со изведбата на „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Претставата траеше три часа, но тоа не ја обесхрабри публиката да остане до крај и да ги награди актерите со аплаузи. Дента беа промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“. Беше промовирана и книгата „Нова романска драма“ во издание на „Перун артис“, во превод на Ермис Лафазановски. Книгата содржи седум драми од осум автори, а приредувач е Оана Кристеа Григореску, која беше гостинка и заедно со издавачот Сашо Огненовски, објасни повеќе за создавањето на книгата. Таа посочи дека се надева дека во Романија ќе добијат книга со македонски драми.
На петтиот фестивалски ден следуваат три претстави. Во 19 часот во големата сала на „Марко Цепенков“ ќе ја гледаме „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, а во режија на Ивана Ангеловска. Играат: Трајанка Илиева-Велиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер.
Во 22.30 часот ќе следува изведбата на „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“ во режија на Џон Блондел. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.
Од независната продукција во 20 часот во кафе-бар „Тротоар“, на програмата е „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, а во изведба на актерот Хакан Даци.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп. И оваа година фестивалот има предзнак екофестивал и има соработка со „Пакомак“. Спонзори се: Витаминка, Прилепска пивара и Diners Club International.