„Капка по капка да тече, доста е“, ќе забележи градител на планински чешмички на Селечка планина. Точно е. Водата е животворна и чудотворна. Нејзината вредност најдобро ја знаат прилепчани, кои со години имаа проблеми со водата. Постарите ја насочувале изворската или реканската вода и да граделе чешмички од камен или во ѕид ѕидана шепурка. Водата била спроведувана преку земјени чумци (место цевки) и течела низ шепурки. Богатите граделе чешми во дворовите.
Посебен ритуал било кога моме одело со шарени стомни, бардиња, како и ѓумови, да налее вода студена. Одењето на вода и муабетот меѓу момчињата бил посебна авантура. А тепачките (џенговите) меѓу момчињата од разни маала за девојките, биле секојдневна слика.
Многу градски чешми
Пред шеесетина години во градов имало околу триесетина чешми. Сите со свои приказни. На оние кои со вода се снабдувале од Селечка планина, водата најчесто им течела во земјени ќумци . Чешмичките биле со една, две или шест шепурки.
Пред куќата од Рибаровци имало чешма. Пред и зад ОУ “Кочо Рацин” на Рид течела пивка вода која ја гаснела жедта. На Рид, кај гробиштата имало мала чешма и се викала Чешмуре, а Чкатроската чешма го носи името по комшиите.
– Беше и починалиште. Се одмораа луѓето кога ги носеа мртвите на гробишта – се сеќаваат најстарите граѓани.
Од две шепурки бликала вода од чешмата кај Чкрипевци, а на околу 150 метри од неа имало друга чешма. Истата вода продолжувала кај Димко Мино на улица “Илија Игески”. Чешмички го краселе и местото викано Џамија, кај Шаторот, и на ширината кај Багевци на улица “Лазо Филипоски”. Кај Могилата била чешмата наречена Крсто. Чешми имало и кај Чумовчани, на “Битолско џаде”, и кај “Воденички камења”. Вода добивале од Селечка.
Досетливите направиле чешмуриња кај старото сточно пазариште, каде се продавала стока и сено. Потоа кај хотелот на Стомнаровци, до анот на Марулци (кај старата автобуска). Не ги мрзело да донесат вода преку чешмичка и во Варошко маало кај училиштето “Климент Охридски”.
Водичка од чешма разладувала кај Василије Трбиќ, кај старата локална самоуправа. Се викала Ќумско, зашто од ќумк течела водата. Во темелите на Џамијата, кај Табана, имало чешма. И Горна Џамија (кон базенот) имало чешма. Чешми имало во Ѓогдере, пред фудбалерот Тарата и Дуле Шоферот, пред Атанас фурнаџијата. И кај театарот течела чешма.
– Таму имаше таксим, резервоар за распоредување по куќите. Поимашливите “поврзуваа” вода дома – кажуваат старите прилепчани.
Шаренилото од слики го дало името на Шарена чешма, во близина на бањата. Еден јаз врвел крај Пајмаковци. Водата течела од Оревоечка река, под куќите дирекно во воденицата Карабдалица. Прилепчани таму мелеле жито.
И сред Варош имало чешма.
Најубава пивка вода имале чешмите Крсто, Ќумко и чешмичката во Ѓогдере. Другите води најчесто се користела за готвење.
Чешмаџии за чешмите
За градските чешми се грижеле чешмаџии. Најстар бил Моце Сурлаџија. Ги одржувал секојдневно чешмите на Рид. По него бил Благоја Чешмарот, Ицко Румпела и Боге Чешмарот.
– Кај фурната на Рид ги молевме луѓето кои идеа да си купат леб да фрлат некоја пара за чешмаџиите и велат прилеските стари Ридарци.
Повеќето семејства имале бунари во дворовите. Рачно ги копале длабоко додека да излези вода. И ги ѕидале. Во центарот вода излегувало на шест метри, а на повисоките места на околу 24 метри. Водата се вадела со макара, со кофа врзана со ортома. Бунарите биле заштитени со закон. Не смеело никој да ги затрупа. Водата се користела за домашни потреби и за вадење бавчи.
Водата е напивка која живот дава. Значењето е бесценето. А секој што ја донесол до човекот ставил еден камен во скапоцениот животен мозаик, гаснејќи ја жедтта и разладувајќи ја душата.
Извор: “Неделник Зенит”